Експерти: Бегалската криза ја подели Европа
Европа е неспособна да ја реши бегалската криза и докажа дека не е единствена на меѓународната политичка сцена. Таа се подели на земји кои се солидаризираат со бегалците и на оние кои не сакаат да ги примат и да им помогнат. Ова го посочија експертите кои учествуваат на Конференцијата за безбедност која се одржува во Охрид по повод 40 годишниот јубилеј на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Македонија...
Бегалската криза повторно ја подели Европа. Овојпат на две групи земји, од кои едните ги предводи Германија и кои сакаат да им помогнат на мигрантите, а другата е Вишеградската група земји кои не сакаат да ги примат луѓето на кои им е потребна помош. Ова е ставот на дел од експертите кои учествуваат на Меѓународната конференција за безбедност во Охрид.
„Европа се покажа потполно неспособна за најголемата хуманитарна криза која се случи во современите меѓународни односи досега. Европа повторно кога станува збор за надворешно политичка криза покажа дека не постои во пракса заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека ЕУ не делува на меѓународната сцена како единствен актер“, изјави Лидија Чехулиќ Вукадиновиќ, професор по меѓународни политички односи, Хрватска.
За да се справи со кризата Македонија треба да ги стави во функција сите свои капацитети.
„Оваа бегалска криза и нејзиното менаџирање е скапо. Државата мора сама да се организира и мора да бара помош од институциите како што се ЕУ и ОН, да добиеме финансиска помош за да се справиме побезболно, бидеќи оставени сами на себе ќе биде многу тешко“, смета проф. д-р Марина Митревска, Институт за безбедност, одбрана и мир.
Експертите предупредуваат дека при бегалски кризи најмногу профитираат трговците со луѓе.
„Оние кои во таа област се многу искусни и имаат развиена мрежа на трговија со луѓе многу вешто ќе се прилагодат на оваа ситуација. А, бидеќи тоа е еден од облиците на организиран криминал не треба да се исклучи можноста дека политичките, економските и другите елити во земјите од Западен Балкан можат да бидат инволвирани во тие облици на криминал“, вели проф. д-р Зоран Ќековиќ, Факултет за безбедност- Белград.
На конференцијата се разговара и за сите други важни прашања поврзани со безбедноста на светот во 21 век.
Сашо Нелоски