Се решаваат проблемите на жителите од Реканскиот крај
Се обезбеди паркинг простор, откако старата и дотраена зграда на полициска станица во Жировница е урната. Теренските посети се покажуваат како ефикасни за подобрување на животот на локалното население...

Место и за автомобили, но, и за собири - жителите на Жировница од општината Маврово-Ростуше добиваат паркинг простор. Тоа беше едно од нивните барања до премиерот Груевски за време на неговата неодамнешна посета на овој крај. Според жителите, овој паркинг ќе ги задоволи нивните потреби, особено во летниот период и во зима, кога има зголемен број печалбари.
„Овие градежни активности се по барање на жителите на село Жировница. Со доаѓањето пред извесен перидо на премиерот, едно од поставените барања беше и барањето за паркинг простор.“
„Многу убаво ќе биде со овој паркинг, растеретување ќе има на возилата, еве и патот беше многу тесен, па сега се проширува.“
„Благодарен сум што ќе се гради паркинг, благодарност и до премиерот кој дојде и после тоа и патот ни го направија“, велат жителите на Жировница.
Владата донела одлука на жителите да се им се предаде на користење и објектот на полициската станица во Жировница. Тие се оптимисти дека општинската власт во соработка со извршната ќе ги реализира сите други проекти кои што се планира да се изведат во регионот.
Пред еден месец беше означен почетокот на реконструкцијата на делницата Ново Село- Маврово, во должина од 11 километри. Инвестицијата тежи 2,5 милиони евра. Патот треба да биде готов за една година. Ова е првата фаза од еден поголем проект, односно реконструкција на целокупната траса која преку Маврово води кон Жировница и Дебар во должина од 20 километри.
Игор Панов
