Здружување во кластери за поконкурентна економија

18.09.2015 16:37

Соработката меѓу компаниите, преку понуда на заеднички производ со повисоки вредности или здружен настап на пазарите, ќе ги пробие извозните бариери...

Работодавачите бараат институциите да го поттикнат кластерското здружување, да влијаат во креирање на овие политики за поконкурентна економија. Соработката меѓу компаниите, преку понуда на заеднички производ со повисоки вредности или здружен настап на пазарите, ќе ги пробие извозните бариери. Добар пример- кластерот за туризам , текстил и МАСИТ, да се интервенира во дрвната индустрија и чевларството- порачуваат од Конфедерацијата.

„Треба што повеќе да се организираат, бидејќи со заедничко здружување, со кластерски пристап на водење на економијата, треба на некој начин да влијаат на конкурентноста на економијата“, изјави Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

Секој кластер да има и секретаријат кој ќе ја гарантира довербата на вклучените компании, нивното функционирање и оперативност. Да се почитуваат законите и стандардите.

„Сорабтоката  во кластери и деловни мрежи е наведена како една од петте детектирани области на интервенција со кој ќе се забрзува развојот на македонското стопанство во периодот до 2020 година. Треба да биде насочен кон зацврстување на јавно- приватното партнерство, во правец на поттикнување на растот на технолошките сектори“, вели Блерим Златку, државен секретар во Министертво за економија.

Здружувањето во кластери ќе помогне во поинтензивна борба на терен со сивата економија, ќе отвори нови работни места. Падот на невработеноста на 26,8 насто е резултат на мерките на државата, а растот на БДП од 2,6 проценти во послединиот  квартал е реален, ја отсликува економската активност во земјава – оценуваат од Конфедерацијата на работодавачи. Сугерираат да се поттикне вклучување на невработените во формалната економија.

 

Сузана Фиданска- Стоевска