Кризна состојба на јужната граница до јуни 2016-та

18.09.2015 16:48

Собранието расправа за продолжување на кризната состојба на дел од јужната граница до 15-ти јуни идната година. Поради бранот бегалци ангажирана е и Армијата. Според МВР од почетокот на годинава низ земјава транзитирале околу 300 илјади мигранти...

Нема гаранција дека Србија нема да ја затвори границата со Македонија доколку Хрватска ги врати мигрантите на нивна територија. ЕУ нема усвоено заедничко решение за справување со кризата, а Балканските земји преземаат национални стратегии без меѓусебна координација. Поради овие причини, владата побара од Собранието кризната состојба да се продолжи до 15 јуни идната година.

„Притисокот на нашата јужна граница е сеуште голем. Информациите кои ги имаме говорат дека бројот на илегални мигранти кои би ја користеле т.н. Балканска рута нема да се намали во догледно време. Во Р. Бугарија извесен период војската е ангажирана за зајакнат надзор на дел од границата, а за жал Р. Грција најверојатно ќе продолжи со организиран транспорт од островите до македонско- грчката граница“, изјави  министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

„Со прогласувањето на кризната состојба направивме анализи каде војската, која е 24/7 во тоа подрачје ќе биде сместена во зимскиот период, се со цел максимално се заштитат граѓаните на Гевгелија и околните места“, рече министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Пратеничката група на СДСМ го поддржа предлогот, но побара Владата да поднесува неделни извештаи, а пратениците на терен да прават увид на состојбата.

„Задолжени сте најмалку еднаш неделно да донесувате извештаи, а Комисијата за одбрана најмлаку едаш месечно да има расправа“, рече Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Македонија досега добила европска помош од само 90 илјади евра, рече пратеникот Николовски и оцени дека трошоците за мигрантите се мерат во десетици милиони евра.

„Република Македонија е во една специфична ситуација која ја нема никој друг, а тоа е во земја што не е членка на ЕУ да влегуваат мигранти од земја што е членка на ЕУ“, рече

Александар Николовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците на МВР од почетокот на годинава низ земјава транзитирале околу 300 илјади нелегални мигранти.

 

Анита Димитријевска