27 милиони евра за инфраструктурни проекти во Скопје

21.09.2015 09:41

Во полн ек се градежните работи за изградба на водоводот во Шуто Оризари. Проектот ќе го реши проблемот со вода за пиење на 40 илјади жители. Премиерот Груевски, кој вчера ја посети скопската општина, рече дека во главниот град во моментов се реализираат проекти вредни 27 милиони евра...

Во скопските општини во моментов се изведуваат инфраструктурни проекти вредни 27 милиони евра, обелодени премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен темелникот на повеќенаменската спортска сала во Шуто Оризари. Интензивно вложуваме во проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните, рече премиерот.

„Се гради од Ѓорче Петров оние 15 улички, кружниот тек, се изгради катаната гаража „Тодор Александров“, паркот Македонија, се започна градбата на „Трета Македонска Бригада“, парк шумата Гази Баба, други улици и булавари се градат и прошируваат. Има многу активности и на Владата и на општините и на Градот Скопје“, изјави премиерот Никола Груевски.

Во Шуто Оризари за прв пат се отвори средно училиште, а се реконструираа две основни. 3.500 ученици средношколци од ромска националност кои се од ранливата категорија  добиваат владина стипендија до 2.200 денари. Наскоро ќе биде распишан конкурсот за нови 670 сипендии, рече Груевски. 

„Сега на овој начин им се помага финансиски и тие се охрабруваат тоа да го прават. Тоа е многу важно затоа што во минатото кај ромската популација имаше огромен процент деца кои не го завршуваа своето образование, а особено средното училиште. Ме радува што сега веќе масовен е бројот на деца што одат во средно образование, а се поголем е и бројот на млади Роми кои се запишуваат на факултетите“, истакна премиерот Груевски.

Жителите на Шуто Оризари до средината на следната година ќе добијат и комплетно нов водовод. Тој започна да се гради во јуни. Во тек е поставувањето на резервоар и препумпна станица, информираше премиерот. Со водоводот вреден 3 милиони евра се решава горлив проблем на жителите од овој регион. Од друга страна повеќенаменската спортска сала која започна да се гради ќе биде со капацитет од 400 седишта и чини 35 милиони денари.

„Само оваа година, преку Агенцијата за млади и спорт пуштени се во употреба преку 30 спортски објекти во целата држава, како повеќенаменски спортски игралишта, тениски терени и спортски сали, а во последните неколку години преку АМС и МОН се реконструирани и изградени нови преку 200 спортски објекти низ целата држава“, изјави директорот на Агенцијата за малди и спорт, Марјан Спасевски. 

„Еве ги делата, делата се овие. Никогаш го немало ова, знаете овде што беше- за никаде, вие сите граѓани знаете“, нагласи пратеникот Амди Бајрам.

Изградбата на спортската сала се очекува да биде завршена за најмногу една година.

 

Миле А. Ристески