„Звуците на Чаршијата“ на 22-ри и 23-ти септември
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната прес-конференција рече дека фестивалот придонесува за заживување на Старата скопска чаршија од културен аспект...

Утре и задутре Старата скопска чаршија ќе биде домаќин на голем број уметници кои ќе творат и ќе ги забавуваат скопјани. Манифестација „Звуците на чаршијата“ се одржува по деветти пат.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната прес-конференција рече дека фестивалот придонесува за заживување на Старата скопска чаршија од културен аспект и ги покани скопјани да уживаат во програмата. Директорката на КИЦ-Скопје Сермине Пурине истакна дека фестивалот ги почитува обичаите и духот на Старата скопска чаршија.
Фестивалот ќе почне со концертот на Слаткаристика и Шпенд Латифи на плоштадот „Филип Втори“ во 21 часот. На 23 септември во 12 часот на платото пред Штуловиот универзитет ќе настапи Аква Денс, а од 13 часот ќе настапи Ансамблот на староградски македонски песни и ора „Серенада“ од Виница.
На плоштадот „Скендербег“ ќе има ликовна колонија, а ќе настапат Сарана Османи со група млади уметници кои ќе свират на класични инструменти, ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва и ќе има книжевна вечер.
Од 20 часот до полноќ во Куршумли Ан ќе настапат Шкурте Фејза и Агим бенд, Адријан Гаџа, Флоријан, Линдон, Ледри и Ера Естрефи.
