Компаниите бараат да се зголеми поддршката за бизнисот преку МБПР
Од Стопанската комора сметаат дека е потребно зголемување на капиталната база на 60 милиони евра на Македонската банка за поддршка на развојот, како и зголемување на нејзината надлежност за финансирање одредени проекти...

Компаниите бараат повеќе пари за развој на бизнисот. Од Стопанската комора сметаат дека е потребно зголемување на капиталната база на 60 милиони евра на Македонската банка за поддршка на развојот, како и зголемување на нејзината надлежност за финансирање одредени проекти.
„Постојниот капитал на МБПР е мал и недоволен за да може да одговори на успешно извршување на поставените законски обврски, како и на идните обврски што ги планира Владата и што ги очекува стопанството од неа: кредитирање инфраструктурни проекти, проекти за рамномерен регионален развој, споделување на ризикот кај кредитирање на поголемите проекти, гаранции за учество на покрупни меѓународни тендери, за добро извршување на работите, за поврат на аванс и за отстранување недостатоци во гарантен рок, поголемо вклучување во делот на кредитното осигурување“, посочи Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
Со ова ќе се стимулираат и фирмите и извозот од земјава, велат од Комората, која своите предолози ги доставила до Владата. Од досега поддржаните проекти преку МБПР, отворени се 6.000 нови работни места.
