Владата подготвува мерки за подобрување на екстерното тестирање

21.09.2015 16:45

Екстерното ќе се реформира. Владата токми мерки за подобрување на концептот на полагање, со кои треба да им се олесни работата на учениците. Дел од предлозите на креаторите на образовните политики се на иста линија со оние кои ги изнесе поранешниот потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски, кој рече дека го поддржува екстерното, но со измени во начинот на полагање. СДСМ во собранието побара укинување на екстерното...

Владата подготвува мерки за подобрување на екстерното тестирање. Ресорното министерство изготвило неколку предлози. Со нив ќе биде надграден целиот процес, вели заменик- министерот Спиро Ристовски. Според него има простор и за други сугестии.

„Ние како влада сме подготвени да прифатиме конструктивни предлози за надградување на целиот процес и систем на екстерно тестирање во насока на подобрување на знаењето кај учениците, олеснување во насока на нивно полесно совладување на целокупната материја и подобрување на успесите. Веќе имаме подготвено околу 6-7 предлози со кои планираме да го надградиме и подобриме целиот процес на екстерно тестирање“, изјави Спиро Ристовски – заменик министер за образование и наука.

Предлогот на СДСМ за укинување на екстерното не помина во Собранието.

Наспроти официјалниот став на СДСМ за укинување на екстерното, поранешниот потпретседател на партијата, Зоран Јовановски смета дека проектот е добар, но треба да се измени начинот на полагање на испитите. Јовановски предлага за секој наставен предмет за кој се полага екстерно да има само по еден учебник, тестирањето да се изведува четири пати годишно, наместо еднаш во годината, како и да се полага поминатиот материјал на секое тримесечие.

Заменик- министерот за образование смета дека во еден дел се поклопувале со предлозите кои ги посочил Јовановски.

 

Наташа Гркова- Петрушевска