Свети Николе- нова бизнис дестинација за странските инвеститори
Модерната инфраструктура треба да го направи Свети Николе идна дестинација за странските инвеститори. Министерот Ставрески очекува добрата инфраструктурна поврзаност во овој крај да го подобри бизнис амбиентот во оваа помалку развиена општина...

Со новиот автопат од Скопје до Штип ќе се стасува за дваесетина минути. Новиот пат кој интензивно се гради, треба да биде готов во мај 2017-та. Модерната инфраструктура треба да го направи Свети Николе идна дестинација за странските инвеститори. Министерот Ставрески очекува добрата инфраструктурна поврзаност во овој крај да го подобри бизнис амбиентот во оваа помалку развиена општина.
„Со изградбата на автопатот кон Скопје, Свети Николе ќе биде извонредно сообраќајно поврзано- ќе се патува за 20-25 минути до Скопје. Тоа ќе овозможи да го поставиме Свети Николе и на мапата на инвеститорите, односно да побараме од нив посериозно да ги разгледаат можностите во Свети Николе и во иднина да лоцираат некој производствен погон“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Евтините кредити со поволни каматни стапки ги искористиле 11 компании кои повлекле 2,5 милиони евра. Со парите го подобриле производствениот процес. Вицепремиерот им порача дека релацијата влада - бизнис континуирано ќе продолжи. Ја посети компанијата „Лион“ во Светиниколско која брои 116 вработени.
„Она што е значајно за бизнисмените е да го продолжиме она што го работевме девет години. Ние секојдневно девет години сме во контакт со бизнисмените, дали преку посета на нивните фабрики, дали преку телефонски разговори, дали преку стопанските комори. Ние сме влада што умее да слуша и умее да ги прифати барањата на бизнисмените секогаш кога тие се во разумни рамки и кога можеме финансиски тоа да го издржиме“, нагласи Ставрески.
Вицепремиерот Ставрески го посети и манстирот „Пресвета Богородица“ и оствари средба со граѓаните.
Дијана Ценевска
