„Епл ленд“ отвори откупен и дистрибутивен центар во Ресен
Пет милиони евра се вложуваат во изградба на откупен центар во Ресен. „Епл ленд“ од Дубаи отвара нов објект, каде што ќе ги складира јаболката од локалните производители и ќе ги пласира на пазарите на Блискиот исток. Во новата фабрика ќе има работа за сто луѓе...

Отворен е првиот современ дистрибутивен центар „Епл ленд“ кој ќе врши откуп и складирање на јаболка, користејќи ги најмодерните технологии. Дубајската инвестиција вредна пет милиони евра, ќе го пласира преспанското јаболко во Русија и на Блискиот исток.
На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој истакна дека оваа инвестиција во индустриската зона Макази во Ресен ќе отвори 100 работни места во првата фаза, и дополнителни 100 во втората. Поволната бизнис клима и одличната соработка со владата е најголемата причина поради која инвеститорите од Дубаи ја одбраа Македонија како земја каде ќе го лоцираат својот дистрибутивен центар.
Премиерот Груевски најави и намалување на каматните стапки на евтините земјоделски кредити, наместо 3 да изнесуваат 2 проценти. Владата претходно обезбеди 10 милиони евра, а досега земјоделците искористиле 4 милиони евра од кредитите за примарно производство, преработувачки капацитети и откупни центри.
„Каматата е ниска, таа е 3%, а веќе владата размислува за нејзино намалување. Веќе разговаравме на една од комисиите, за намалување од 3% на 2%, што значи дека уште поповолни ќе бидат овие кредитни линии за земјоделците и претпоставувам дека не некоја од наредните седници на Влада ќе го прифатиме ова намалување на каматите“, изјави премиерот Груевски.
При посетата на битолкиот регион, премиерот Груевски рече дека веќе се исплаќаат обештетувањата на семејствата, чии земјоделски земјишта беа најпогодени од поплавите. Досега околу 2.200 граѓани од 13 општини добија финансиска поддршка од Владата. Дополнително, градежна механзација работи на расчистување на реката Црна. Активностите, како што рече Груевски, веќе се во тек, и за оваа намена се инвестираат 1,5 милиони евра.
„Минатата година се исчистија 145 километри канали, оваа година дополнителни 85 километри канали. Во овој регион, ќе се инвестираат дополнителни милион евра за каналите“, рече премиерот Груевски.
При посетата на селото Српци премиерот разговараше со жителите. На нивно барање беше договорена рехабилитација на патот Клепач- Новаци во должина од 19 километри, кој претставуваше огромен проблем за овие населени места. Изградбата на регионалниот пат ќе почне следниот месец, а инвестицијата е вредна 1,15 милиони евра.
Премиерот својата посета ќе ја заврши во Битола, каде ќе пушти во употреба нов тениски терен.
Викторија Милевска
