Американски бизнисмени: Македонија е поатрактивна за инвестирање од Германија

22.09.2015 10:32

Македонија е поатрактивна за инвестиции од Германија, оценија некои од американските бизнисмени коишто присуствуваа на презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија во Вашингтон...

Македонија е најдоброто место за инвестирање поради пристапот кон 650-милионскиот европски пазар, ниските даноци, бесцаринските зони и квалификуваната работна сила, вака министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Џери Наумоф, им ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија на американските бизнисмени во Вашингтон. Оценка за одличната бизнис клима во Македонија објави и американскиот „Њујорк Тајмс“.

„Еден од најдобрите бизниси за кој разговараме е компјутерскиот бизнис, инженерството, истражувањето и развој, центрите за повик, ова се многу добри сектори за овдешните компании, но имаат големи трошоци. Ние имаме високо квалитетни кандидати за работа коишто зборуваат англиски“, изјави министерот за привлекување странски инвестиции, Џери Наумоф.

Повеќето од американските бизнисмени за првпат слушнаа за можностите за бизнис во Македонија, но некои од нив изразија желба да ја посетат Македонија и да ги видат можностите за вложување во индустриски погони, компјутерски компании, туризам и увоз на прехранбени производи. 

„Апсолутно. Не бев запознат со земјата и нејзината историја пред да дојдам овде на презентацијата. Спикерот направи одлична работа да не запознае со земјата, со историјата и што е најважно за економските можности, па решив да видам лично и самиот“, рече Грегори Џорџ, директор на „Омега Врлд Травел“.

„Додека одеше презентацијата, проверував на интернет за рејтингот на Македонија од Дуинг Бизнис и Светска банка. Трансформацијата на Македонија од времето кога бев таму навистина е многу извонредна и импресивна Особено гледајќи како го подобрила рејтингот на глобално ниво, а не само во Југоисточна Европа“, изјави Ричард О’Саливен, директор на „Чејнџ Менаџмент Солушн“.

„Сум работел главно со Германци и со Холанѓани и некои други, но тоа се големи земји и некогаш ќе се изгубите во бирократијата. Иако на локално ниво и од некои градови на пример во Германија ќе имате внимание, сепак нема да имате таков тип на внимание како од македонското министерство з странски инвестиции. Затоа Македонија е многу поатрактивна“, вели Бил Стокс, претседател на „Вашингтон Нетврк груп“.

Од 2006-та година наваму, околу 200 американски компании започнале бизнис во Македонија.

Претставници на македонската влада покрај Вашингтон, ќе имаат средби со американски бизнисмени и во Охајо, Њу Џерси и Конектикат.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ