Македонски државјанин врбувал џихадисти во Германија

22.09.2015 13:10

Македонец ја крена полицијата во Берлин кој наводно регрутирал борци за Исламска држава. Се претпоставува дека тој е заминат во Сирија. Според полициски информации од Германија на боиштата во Блискиот исток има околу 600 џихадисти...

19-годишен државјанин на Македонија ја крена на нозе полицијата во Берлин. Осомничен е дека врбувал борци за Исламска Држава. Силите на редот извршија рација на 8 локации во главниот град на Германија во потрага по регрутери на џихадисти. Од џамија биле изнесувани торби и компјутери запленети како доказен материјал. Не се знае дали има уапсени, но се верува дека македонскиот државјанин веќе заминал за фронтот во Сирија.

„Бараме докази, материјал за обуки но и каква било документација што ќе ни каже колкумина биле регрутирани. Праќаат луѓе на фронтот, ги обучуваат за напади, ги изложуваат на насилство и кога ќе се вратат стануваат потенцијална закана“, изјави Стефан Редлих, портпарол на Берлинската полиција.

Групата е под истрага за планирање напад во Германија, но според полицијата, за сега нема такви индикации. Германските разузнавачи проценуваат дека 600 Германци им се приклучиле на џихадистичките групи во Сирија и во Ирак.

На бегалскиот фронт, Брисел е вознемирен бидејќи Унијата нема контрола над своите внатрешни граници. Ова го порача претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пред утрешниот самит на лидерите на земјите членки.

„Важно е да ги слушнеме ставовите на нашите партнери со кои заедно се соочуваме со овој предизвик. Ќе ги споделам главните заклучоци од дискусијата со европските лидери на вонредниот европски совет“, изајви Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Денеска министрите за внатрешни ќе се обидат да постигнат договор за квотите за 120 илјади бегалци. Ако продолжат недоразбирањата, Брисел може да наложи мнозинско гласање наместо едногласна одлука, со што првпат се отвора прашањето за националната независност.

 

Ивана Салтировска