Дефицитарни занимања: Со обука до ново работно место

22.09.2015 14:26

Триста невработени лица од утре ќе имаат можност да аплицираат за обуки за дефицитарни занимања со цел полесно да најдат работа на пазарот на труд...

Аргон заварувачи, ракувачи на машини,фасадери,монтажери на соларни панели, управувачи на кран и дигалки се само дел од професиите што недостигаат и се барани на пазарот. Луѓето кои како невработени посетувале обука од ваков тип во приватниот сектор велат дека искуството и вклученоста во производството се од огромно значење.

„Во рок од тие четири месеци научив доста работи околу тоа што сакав да го работам и учев на факултет, само немав доволно пракса“, вели Дамјан Ангелов, работник.

Голем е и интересот на компаниите за оваа програма бидејќи доаѓаат до потребната работна сила.

„Стабнува збор за успешен пример на македонска компанија која започна да учествува во мерките за обука за побарувани занимања на пазарот на труд“, изајви Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Во Агенцијата за вработување, пак, велат дека досега на двата огласа се пријавиле голем број лица, а од утре стартува и третит оглас за 300 невработени.

„ Во првиот имавме 181 лице, во вториот 220, а сега имаме 300 лица кои ќе бидат обучувани за една од побаруваните вештини. Ние во соработка со работодавачите на континуирано ниво работиме на тоа да видиме какви се вештини се потребни на пазарот на труд“, рече Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на РМ.

За реализација на мерката се одвоени 15 милиони денари. Околу 35 проценти од оние што посетувале вакви обуки веќе се вработени во фирмите каде што го печеле занаетот. Во текот на 4-месечната обука невработените добиваат по 6.200 денари и се осигурани во случај на несреќа.

 

Игор Панов