1,3 милиони евра за иновативните компании со вториот повик на Фондот за иновации
Објавен е вториот повик за поддршка на иноватините проекти. Крајниот рок за аплицирање е 21-ви октомври годинава. Во првиот повик најмногу поректи понудиле информатичките компании...

Со три пати повеќе пари ќе се поддржуваат иноватините проекти на домашните компании преку вториот повик на Фондот за иновации. Вкупниот буџет за трите инструменти е зголемен на 1.300.000 евра. Кофинансираните грантови се наменети за новоосновани фирми, старт ап и спин оф компании кои максимално ќе добиваат до 30.000 евра за проект за што се наменети 300 000евра.
Со вториот инструмент ќе се поддржува комерцијализација на иновации. Максималниот износ ќе биде до 100.000 евра за што е предвиден износ од 600.000 евра. За трансфер на технологии ќе се доделуваат кофинансирани грантови најмногу до 200.000 евра од проект, за што Фондот за иновации предвидел буџет од 400.000 евра.
„Разликата од првиот повик е што тој беше наменет за фирми кои постојат до 6 години, а сега имаат можност да аплицираат и позрели компании бидејќи преку инструментот за комерцијализацијана иновациите се финансираат поголеми проекти во понапредната фаза на развој“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
На овој начин се охрабрува соработката меѓу микро, малите и средните фирми, но и меѓу науката и приватниот сектор, вели Пешевски. Поголемите проекти како што е трансферот на технологија бараат секторски пристап и здружен настап на повеќе компании, но затоа има посериозно влијание на економијата во целост.
„Кај предлог проектите за двата инструменти ќе се оценува иновативноста, тимот кој ќе го имплементира проектот, квалитетот на предлог апликацијата и секако влијанието што ќе го имаат врз околината“, изајви Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации.
Крајниот рок за аплицирање е 21 октомври годинава, а од Фондот велат дека во првиот повик најмногу проекти биле понудени од ИТ индустријата.
Свето Николовски
