Јавен повик за концесија на 12 ловишта
Од владата велат, ова е добра можност за бизнис заедницата бидејќи дополнителен профит може да се оствари и од ловниот туризам...

Државата на јавен повик ќе бара концесионери за 12 ловишта во пет региони. Седум се за ситен дивеч, а периодот на концесија е 10 години, останатите се за крупен дивеч, со 20 години период на концесија.
Од владата велат, ова е добра можност за бизнис заедницата бидејќи дополнителен профит може да се оствари и од ловниот туризам. Огласот важи за домашните и странските правни лица кои сакаат да отворат ваков бизнис, а ги исполнуваат општите услови.
„Откако ќе биде констатирано дека понудите се комплетни, тогаш секој субјект кој конкурирал ќе добие известување за точниот ден и час кога ќе се одржи процесот на јаван елекстронска аукција, каде сите заинтересирани ќе може да наддаваат. Оној кој ќе понуди најголема цена, ќе се стекне со правата и можноста да склучи договор со државата и да стане стопанисувач со ловиштето за кое конкурирал“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тендерската документација може да се подигне во Министерството за земјоделство, а рокот за поднесување на документите е до 30-ти септември, кога ќе се одржи и јавното отворање на понудите. По тоа следува електронска аукција на која ќе се донесе конечната одлуката кој ќе стопанисува со ловиштето.
Досега 242 ловишта се доделени под концесија. Од Владата велат дека овој тренд на концесионерство ќе продолжи и во идниот период со објавување на нови ловишта.
Викторија Милевска
