Затворени предметите против Бугарија поврзани со слободата на собирање на македонското малцинство
Советот на Европа задолжен за следење на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд ги затвори предметите против Бугарија кои се однесуваа на кршење на правото за слободно собирање на организациите кои бараа признавање на малцинството во оваа земја...

Пресудите на Судот од Стразбур беа донесени во октомври 2011-та, и се однесуваа на кршењето на правото за слободно собирање на органиациите кои имаа за цел „признавање на македонското малцинство во Бугарија“, односно забраната на нивните собири меѓу 2004-та и 2009-та. Бугарија се правдаше, што не беше прифатено од Европскиот суд за човекови права, дека тоа го повредува националниот суверенитет, територијалниот интегрите и јавниот ред, како и нерегуларноста на статутот на организиациите.
Скоро четири години подоцна, Комитетот на Министрите на Советот на Европа, кој го следи спроведувањето на пресудите, констатира дека Бугарија презела законски и мерки на сензибилизација за да се избегнат слични кршења на Европската конвенција за човекови права.
„Во последните пет-шест години, не се набљудувани случаи на прекршување на правото на собирање на македонците од страна на властите. Немало некои проблеми, затоа оваа одлука на Комитетот на министрите беше очекувана, де факто и основана. Фактички за нас е задоволство што успеавме после толку многу долги борби да го постигне, е барем правото на мирни собири да ни биде почитувано во Бугарија“, изјави Стојко Стојков, претседателот на ОМО Илинден Пирин за МРТ.
Постојаниот претставник на Република Македонија при Советот на Европа, Петар Поп Арсов ја поздравува одлуката на Комитетот на министри да го затвори надзорот на двете пресуди против Бугарија, бидејќи во изминатите три години ова право беше слободно остварено, со надеж дека оваа политика ќе има траен ефект и дека во иднина нема повторно да бидат поднесени жалби пред Судот поврзани со правото на собирање.
Република Македонија, притоа изразува надеж дека овој развој ќе има позитивно влијание и врз добро познатата група на случаи „Обединета Македонска Организација Илинден и други“ која е поврзана со правото на здружување, односно регистрација на партијата и културните здруженија на македонците од Бугарија.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
