Почна изградбата на фабриката на „ОДВ Електрик“- инвестицијата е вредна 15 милиони евра

22.09.2015 17:23

Германската компанија „ОДВ Електрик“ почна да ја гради новата фабрика во слободната економска зона кај Струга. Инвестицијата се проценува на 15 милиони евра, а во новиот капацитет е предвидено да се вработат илјада работници. Ова компанија веќе работи во погони во Охрид, каде што се одвиваше пробното производство...

Почна изградбата на првата фабрика во технолошко- индустриската зона во Охридско- струшкиот регион. Се работи за инвестицијата на германската компанија „ОДВ Електрик“ вредна 15 милиони евра, која во наредниот период треба да вработи 1.000 луѓе.

Фабриката треба да биде готова во јуни наредната година, ќе произведува компоненти за автомобилската индустрија. Според премиерот Никола Груевски, добрата бизнис клима донесе уште една странска инвестиција со која ќе се отворат нови работни места, но и ќе се пренесат нови технологии и знаења, кои ќе бидат придобивка за индустриското производство.

Во моментов, осум компании се во инвестициска активност, три го почнаа производството, две се во изградба, а уште три треба да ја финишираат изградбата, рече премиерот Груевски. Вкупно се очекуваат нови 3.850 работни места во нив. Досега во зоните вработени се околу 13.500 луѓе.

Инаку, на поставувањето на камен- темелникот на првата фабрика во индустриската зона во Струга присуствуваше и вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, и претставници на германската „ОДВ Електрик“.

 

Дијана Ценевска