Реализација на проекти во Битолско

22.09.2015 17:29

За една година ќе се вози на нов пат на релација Битола – Ресен – Буково. Во делницата долга 27 километри ќе се инвестираат шест милиони евра. Интервенцијата доаѓа по три децении. Во наредниот месец ќе се обновуваат уште неколку патишта во тој регион...

По 30-тина години, реконструкција на патот Битолa – Ресен – Буково. Оваа делница е долга 27 километри. Планот е магистралата да биде завршена за една година.  

Проектот кој ќе чини 6 милиони евра, Груевски го најави пред половина година на еден од граѓанските собири во Битола. Во наредниот месец треба да почне обновување и на регионалниот пат Клепац- Новаци долг 19-тина километри во кој ќе се инвестираат еден милион евра.

Децата на жителите на Српци веќе одат во новоизградено училиште за кое беа издвоени 8 и пол милиони денари откако пожар го пеплоса до темел старото.

Освен обновување на инфраструктурата, во регионот ќе се отворат и 100 нови работни места откако почна со работа  и откупно-дитрибутивниот центар, „Ејпел ленд“ од Дубаи.

„Годинава ќе почнеме и со една фарма во која ќе имаме илјада крави, а сточарите ќе ги обучуваме во Австрија. Вториот проект е за извоз на цреши од Охрид за Дубаи. Овој објект планираме континуирано да го прошируваме  и инвестираме во него“, најави инвеститорот.

Инвестициите на компанијата од Дубаи ќе овозможат наднимување на проблемите со пласман на јаболката и постигнување на повисока цена.

 

Наташа Гркова- Петрушевска