Фолксваген повлече половина милион возила
Акциите на Фолксваген паднаа за 18 проценти. Америка му врати на германскиот концерн половина милион автомобили поради илегално инсталирање на софтвер што им овозможил да лажираат еко тестови за мерење на издувните гасови кај дизел возилата. Производителот призна- истрага ќе се води и во ЕУ...

Америка му врати на Фолксваген половина милион автомобили. Наводно илегално инсталирале софтвер за лажирање на тестови за издувните гасови од колите. Привремено е стопирана продажбата на дизел возилата со мотори со четири цилиндри во САД, а нема да се продаваат ни половни возила од тој тип. Откако Фолксваген призна дека го лажирал мерењето на емисиите на штетни гасови од нејзините дизел возила во САД и германската влада наложила да се испита дали и во Германија имало лажирање на резултатите. Европската комисија чувствува одговорност за емитувањето на штетни гасови.
„Ние овој случај го третираме суштински и многу сериозно. Во комуникација сме со Волксваген, со агенциите особено во Калифорнија. Ги утврдуваме фактите околу повлекувањето на возилата од пазарите. Сега е во тек внатрешна и надворешна истрага во компанијата, но многу е рано за првични заклучоци. Секоја индустрија мора да ги почитува стандардите за емитување штетни гасови“, велат од ЕК.
Експертите велат - ризикот е минимален, а Македонците се заштитени, исто како и граѓаните во ЕУ. Постои сериозна контрола на увезените возила во која учествува и Машинскиот факултет. Македонското законодавство е компатабилно со европското , а наводните измами се на американскиот пазар.
Македонските дистрибутери на „Фолксваген“, се воздржани од коментар. Стандардите за дозволено емитување на гасови овде соодветствуваат на оние во ЕУ и се различни од американските. Вредноста на акциите на Фолксваген падна за над 18 отсто. Пазарната вредност на компанијата е намалена за околу 15 милијарди евра.
Сунчица Николоска
