Лагард: Недоволниот раст е прашање што треба да се реши

23.09.2015 10:57

Директорката на Меѓународниот Монетарен Фонд, Кристин Лагард ги претстави новите 17 развојни цели што во наредната недела треба да бидат усвоени од сите земји членки на Фондот. Акцентот се става на одржлив раст со внимание на социјалната стабилност и справувањето со климатските промени...

Милениумските цели на Обединетите нации придонесоа за намалување на сиромаштијата во светот. Но трговската размена денеска е двапати помала отколку пред 15 години и економскиот раст е сеуште мал. Затоа директорката на Меѓународниот Монетарен Фонд, Кристин Лагард, во Вашингтон на една недела пред одржувањето на Генералното собрание на ОН ги претстави 17-те одржливи развојни цели до 2030-та.

„Недоволниот раст е прашање што треба да се реши. Тоа не помага во спроведувањето на одржливите развојни цели. Со други зборови, би било многу полесно ако светот има економски раст што е околу 5,5 или 6 проценти како во моментов. Новите развојни цели за следните 15 години ќе бидат понапредни и пооценувани, но ќе биде потешко да се одржат зошто многу земји ќе мора да фатат чекор со нивно спроведување“, изјави директорката на ММФ, Кристин Лагард.

Вложувањето во инфраструктурата е модел што придонесува за економски раст и намалување на невработеноста. Некои земји што се во економска криза како Грција имаат невработеност кај младите поголема од 50%, затоа запрашана дали смета дека новата грчка влада ќе придонесе за одржлив развој, директорката на ММФ кратко одговори.

„Можеби ќе се фокусираат на спроведување на одржив раст. Тоа е сѐ“, нагласи Лагард.

Поголема вклученост на жените во економијата ќе биде една од целите на коишто светот треба да посвети внимание во наредните 15 години.

Според ММФ, најголемиот предизвик во наредните 15 години ќе биде справувањето со климатските промени, особено во посиромашните земји.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ