Водата од струшкиот водовод технички исправна, забраната за користење останува

23.09.2015 11:05

Забраната ќе биде тргната само доколку наредните три анализи покажат дека водата е микробиолошки исправна...

Водата за пиење во Струга е технички исправна, но се уште е забранета за пиење и за готвење – покажале последните анализи од Центарот за јавно здравје - Охрид. Забраната ќе биде тргната само доколку наредните три анализи покажат дека водата е микробиолошки исправна.

„Во земените мостри не се најдени патогени материи и има хлор во законски определените граници, што значи дека водата е исправна, но забраната за употреба останува. Законски треба три до пет последователни дена да се прават анализи и сите да бидат исправни за да може да се симне забраната за употреба на водата за пиење и за готвење. Иако во моментов водата е исправна таа е забранета за употреба“, изјави раководителот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Атанаско Михаилов.

Центарот за јавно здравје зема мостри вода секој ден од различни локации низ градот, а резултатите ќе бидат доставени до надлежниот инспектор за храна, кој доколку има отсуство на патогени бактерии треба да донесе решени за симнување на забраната за употреба на водата од струшкиот водовод.