Отец Ломбарди: Не ја исклучуваме можноста Папата Франциск да ја посети Македонија
На прашање од Македонската телевизија на брифинг во Вашингтон, дали Папата ќе ја посети земјата од која потекнува Мајка Тереза, Отец Ломбарди истакна дека Балканот е во интерес на Папата Франциск...

Пораката на Папата Франциск во Вашингтон е љубов и враќање кон семејните вредности. Денеска Папата ќе биде примен во Белата куќа и ќе посети три католички цркви во Вашингтон. Илјадници верници ќе можат да го поздрават Папата додека поминува со папамобилот низ центарот на главниот американски град. Директорот на канцеларијата за прес на Светата Столица, Отец Федерико Ломбарди не ја исклучи можноста Папата Франциск да ја посети Македонија, но дека тоа засега не е во план.
На прашање од Македонската телевизија на брифинг во Вашингтон, дали Папата ќе ја посети земјата од која потекнува Мајка Тереза, Отец Ломбарди истакна дека Балканот е во интерес на Папата Франциск и дека првата европска турнеја му била во две балкански земји, меѓутоа дека неговиот распоред на посети за наредните години не е утврден.
„Папата се уште нема јасна агенда за посетите во наредните години. Мислам дека нема фиксна агенда. Единствената посета што е јасна и за која веќе е одлучено е Африка во ноември и Краков за Светскиот младински ден, идната година. Само овие патувања се решени, но интересно е што велите, бидејќи видовме дека Папата за првите посети во Европа ги избра Албанија и Босна и Херцеговина, значи дојде на Балканскиот полуостров кадешто е и Македонија. Мислам дека Папата има особено внимание кон овој регион. Затоа не можам да исклучам дека во иднина ќе одговори на оваа покана, но засега нема проект за посета на Македонија“, изјави Отец Федерико Ломбарди.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
