20 илјади работни места отворија странските инвестиции и „Македонија вработува“

23.09.2015 15:10

Од 38 на 26,8 насто е намалена невработеноста во изминатите неколку години. Бројот на вработувања ќе расте – рече вицепремиерот Ставрески. Во парламентот- пратенички прашања...

20 илјади работни места се креирани откако странските инвеститори влегоа во земјава и почна се спроведува проектот „Македонија вработува“, тврди министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески. На седницата за пратенички прашања, Ставрески посочи дека страците ги полнат слободните зони, а домашните компании ги користат активните мерки за вработување.

„Досега во технолошко индустриските зони и индустриските зони странските директни инвестиции отворија 13.441 работно место. Со тоа се обезбедеува егзистенција за 13.441 семејство. Стапката на невработеност е на најниско историско ниво. Тука е и „Македонија вработува“ кој го искористија 4 илјади компании досега за вработување на 6.133 лица“, истакна вицепремиерот Ставрески.

Дрекселмаер од Кавадарци досега вработил 5.358 лица, Кромерг и Шуберт од Битола 2.091 работник, а ќе вработат уште илјада. Џонсон Мети и Ван Хул по 600 лица. Вицепремиерот рече дека Владата се залага за креирање на економски политики во корист и на домашните и на странските инвеститори.

„Македонските компании плаќаат најниски даноци во светот, со ефективна даночна стапка од 7,4 отсто. Ја спроведовме и регулаторната гилотина со која значително ги намаливме и упростивме административните постапки. Голем број на компании го откупија државното земјиште по ниски цени. Постојано работиме на подобрување на инфраструктурата, на изградба на автопати, регионални и локални патишта“, рече Ставрески.

ОДВ електрик кој вчера започна со изградба на фабриката во Охридско-струшката индустриска зона ќе вработи вкупно 1.000 лица, Маркарт во Велес ќе отвори 600 работни места. Ставрески посочи дека Техникајл текстајл во Штип ќе најде работа на 500 луѓе, а Ки сејфти системс во Кичево и Костел од Охрид  ќе отворат по 1000 работни места.

 

Aнита Димитријевска