Македонија и Србија ќе добијат 17 милиони евра од ЕУ за справување со мигрантската криза
Европската Комисија исто така побара од политичарите да не употребуваат реторика несоодветна на состојбата, алудирајќи притоа на изјавите кои доаѓаат од Хрватска, Србија и Унгарија...

Европската комисија договори вкупно милијарда и седумстотини милиони евра, фонд за бегалската криза која ќе се реализира преку Светската програма за снабдување на храна и УНХЦР за Сирија, Турција и за земјите на ЕУ кои ќе прифатат околу 160.000 бегалци. За овие пари ќе се разговара на денешниот Европски Совет, како и за новите морски операции во Медитеранот на европската флота. Според Комисијата, Македонија и Србија ќе добијат по 17 милиони евра.
„Главната одлука денеска е дека ја зголемуваме финансиската помош за бегалците и оваа одлука ќе ја пренесам на денешниот Европски Совет. Овој фонд ќе се применува преку одредени агеции, генерално преку програмата за храна и преку УНХЦР. Формиравме и фондови за Сирија и за Африка“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Федерика Могерини.
„Формиравме фонд за европските земји којшто во првата фаза ќе достигне до 500 милиони, но со натамошни напори на земјите- членки се надеваме и на милијарда евра. Ги повикувам сите земји од Западниот Балкан да бидат хумани и да не ги затвораат граничните премини зашто тоа и штети на регионалната економија. И се разбира и натаму ќе ги помагаме Македонија и Србија. Уште еднаш ќе нагласам ова не е нивен проблем, тие се само жртви на настанатата состојба“, изјави евркомесарот Јоханес Хан.
Турција има клучна улога и за неа се планираат милијарда евра за следните две години. Во Европската унија досега имаа влезено половина милион бегалци, кои сепак нема да се распредлиуваат во Словачка, Унгарија, Романија и Чешка.
„Еден од заклучоците на Европската Комисија е да се активираат и брзи гранични тимови на Европската унија“, изјави Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција и внатрешни работи.
Европската Комисија исто така побара од политичарите да не употребуваат реторика несоодветна на состојбата, алудирајќи притоа на изјавите кои доаѓаат од Хрватска, Србија и Унгарија.
Како мерки за заштита на границите, ЕК од денес отвори кривична постапка за државите кои уредно не ги регистрираат, странците, додека пак Владата на Унгарија пристапи кон уште поригорозни мерки, дозволувајќи и на војската да пука во мигрантите со гумени куршуми.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
