Екстерното тестирање ќе се подобрува
Наместо еднаш, да се полага повеќе пати во годината, ако ученикот добие негативна оценка да постои можност да преполага, да се ангажираат надворешни набљудувачи заради поголема објективност – владата размислува за корекции во екстерното за поквалитетно образование...

Корекции во екстерното тестирање со цел добивање поголем квалитет и реално остварување на функцијата. Ова го најави премиерот Никола Груевски на собраниската седница за пратенички прашања. Со измените во екстерното тестирање, појасни премиерот, треба да се постигнат стандарди од кои ќе имаат корист учениците, но ќе се подобри и образовниот принцип .
„Најголемиот стрес за децата што ќе го доживеат со ваков систем што го имавме досега пред воведување на екстерното тестирање, е кога ќе излезат на пазарот на труд и ќе се соочат со нивното незнаење, кога ќе се појават на интервјуа во компании и во домашни и странски, кога ќе им бидат дадени таму тестови за да го проверат нивното знаење, ќе бидат прашани на интервјуа за основни прашања на кои немаат одговор“, рече премиерот Груевски.
За подобрување на екстерното, владата разгледува неколку предлози. Можност за полагање 2 или 4 пати годишно, наместо еднаш. Ако ученикот добил единица или не е задоволен од оценката, да може да преполага, воведување на проблемски прашања со цел разбирање на суштината, учење од еден од одобрените ученици. За објективно оценување се размислува во насока за ангажирање на надворешни лица како набљудувачи, но и комисиско разгледување на приговорите.
„Шансата на нашиот народ, на нашата нација е да просперира преку знаење, преку размена на креативноста, иновации и претприемачки дух во секое поле. Без потребното знаење ова е невозможно. Се што правиме, правиме со добра намера, да им помогнеме на идните генерации да бидат посилни, помоќни“, нагласи премиерот Груевски.
За се што беше кажано околу екстерното тестирање, премиерот најави јавна дебата.
Миле А. Ристевски
