Повеќе субвенции за привлекување странски туристи
Државата планира да привлече повеќе гости од надвор за зголемени приходи...

Повеќе пари за повеќе странски туристи. Државата од идната година планира да ја зголеми сумата за субвенции за носењето гости од Израел, Италија, Шпанија, Франција, Чешка, бидејќи проектот се покажал како успешен. Од годинава се субвенционираат туристите од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија и Aнглија. Владата дава по 65 евра за секој донесен странец од овие земји, кој престојува најмалку три дена во Македонија. Се зголемија и субвенциите за донесени туристи од Босна, Србија и Бугарија, од 25 на 35 евра.
„Се очекува во еден брз предиод сите овие ставови на Владата да бидат пресликани во правилникот на Агенцијата за туризам, да станат со полна правна сила, за да може веднаш потоа нашите домашни туристички агенции да стапат во контакт со нивните странски партнери, и да обезбедат прилив на туристи во Република Македонија, кој ќе биде значаен и за профитабилноста на домашните туристички компании, а се разбира дека ќе има и поширока импликација на поголем број стопански сектори во Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Македонија станува атрактивна дестинација за тур операторите. Од идната година светски познатиот „Томас Кук“ ќе организира чартер летови, Белгија – Охрид. Склучи договори со 16 хотели.
Се развива и транспортната мрежа, во моментов преку македонските аеродроми има над 30 директни летови. Преземените мерки со кои се стимулира изградба на хотели, намаленото ДДВ и промоцијата во светските магазини даваат резултат - Македонија се промовираше како атрактивна туристичка дестинација.
Според податоците на државната статистика, во периодот од јануари до јули годинава, вкупниот број на туристи е зголемен за речиси 8 проценти, од кои растот кај странските гости изнесува 12,6 проценти. Приходите од туризмот во изминативе неколку години надминуваат 100 милиони евра.
Андријана Атанасовска
