Бегалска криза: Затворањето на границите не е решение
Според министерот за надворешни работи, Македонија не треба да биде изоставена како во финансиското, така и во политичкото решение на Европа...

Затворањето на границите не е решение за мигрантската криза, напротив, тоа би го усложнило проблемот. Вака министерот Попоски одговори на наводните изјави дека и Македонија ќе постави ѕид, како некои европски земји, за да се спаси од бегалците. Според министерот за надворешни работи, Македонија не треба да биде изоставена како во финансиското, така и во политичкото решение на Европа.
„Би било сериозен пропуст доколку бидеме оставени сами да го сносиме товарот на криза која нити сме ја причиниле, нити можеме да ја разрешиме сами“, изјави министерот Никола Попоски.
Иако за сега нема реален проблем, и Босна и Херцеговина ги разгледува сите можности за опасност од наплив на мигранти. Ова го изјави шефот на дипломатијата на оваа земја кој е во посета на Македонија.
„Засега немаме индикации дека ќе дојде поголем бран на бегалци во Босна и Херцеговина. Нашите институции ја разгледуваат можноста за евентуално две рути на бегалците кои би пристигнале и тоа едната е преку Србија - Бјелина и Зворник, а втората е преку Албанија“, рече Игор Црнадак, министер за надворешни работи на БиХ.
До овој момент 80- тина илјади евра се алоцирани од ЕУ, конкретно за организации како Унихцр, Црвен крст и други невладини организации. Во делот на институции се уште се очекуваат средства. Ветувањето е дека Македонија и Србија ќе бидат опфатени со по 1,5 милиони евра.
Катерина Топалова
