Македонски транспортери заглавени на Српско- хрватската граница, трпат штети!

23.09.2015 16:44

Мигрантската криза и блокадата на Српско-хрватската граница удри по македонските овошја и зеленчуци. Домашните камионџии се заглавени во километарски колони. МТВ стапи во контакт со наши транспортери кои се на граничниот премин...

20 километарска колона, околу 1.000 камиони заглавени на границите, возачите со денови чекаат да влезат во Европската унија. Целосен колапс на сообраќајот поради затворање на граничните премини меѓу Србија и Хрватска поради напливот на мигранти. Ваква е сликата на преминот Батровци– Бајаково. Нервозни и уморни, камионџиите чекаат 3 дена за да влезат во Хрватска. За МТВ раскажаа- стоката ни се расипува, едвај се снаоѓаме со храна и вода.

„Немаме ништо во близина, има една бензинска, од неа се снабдуваме, но тоа се многу лоши услови, има многу возила, многу народ, а никој не дошол да реагира, да праша, дали имаме вода, храна... Времето е топло, не се издржува, не станува збор за саат- два, со денови сме тука, 3-4 дена сум тука и уште доаѓаат камиони, така што и да не пуштат, уште два дена нема да заминиме...“, велат превозниците со кои контактираше МТВ.

Од здржението на камионџии „Макамтранс“ велат дека најголема штета од затворањето на хрватската граница ќе претрпи македонската економија, транспортерите и земјоделците, бидејќи во овој период од годината, најмногу се пренесуваат свежи производи наменети за европските земји. Ќе се обратат со допис до владата, за навреме да реагира до Европската комисија. Есапот покажува – транспортерите дневно губат по најмалку 350 евра, но конечната сметка ќе биде многу поголема.

„Најголемиот проблем ќе настане кога ќе ги отворат границите и кога ќе стасаме на местото на истовар, и нема да се прими стоката. Таа ќе треба да се врат назад, што значи дека ќе има дополнителни трошоци за увозникот да плати ДДВ во државата, или пак транспортерот ако се најде во таква ситуација никој да не ја сака стоката, ни во извоз ни во увоз, ќе мора да побара одобрение од одредена држава да се изврши уништување на таа стока, за што исто така се плаќа“, изјави Биљана Муратовска од „Макамтранс“.

Револтираните камионџии во текот на денот го блокираа автопатот, по што целосно е стопиран сообраќајот. На границата меѓу овие две земји не е дозволен премин ниту за автомобили и автобуси, се пренасочуваат кон Унгарија. Од Амбасадата на Македонија во Хрватска известувааат дека единствено е отворен граничниот премин Товарник, но само за автомобили и автобуси.

 

Викторија Милевска