Папата Франциск во Вашингтон со апел за помош на сиромашните, дискриминираните, бегалците
Папата Франциск пристигна во посета на Соединетите Американски Држави, земјата кадешто живеат околу 70 милиони католици. Тој упати апел за мир и разбирање меѓу сите луѓе во светот и надминување на недоразбирањата по дипломатски пат. Светот се наоѓа во критични моменти, оцени Папата во Вашингтон...

Со извици на добредојде и лично од американскиот претседател со семејството, Папата Франциск ја започна првата посета на САД. Четвртиот по ред папа којшто ја посетил Америка донесе порака за помош на сиромашните, дискриминираните, бегалците и имигрантите. Папата со личен пример возејќи се во стар Фиат покажа скромност и побара светот да се справи со климатските промени. Во Белата куќа над 15 илјади поканети го слушнаа првиот говор на Папата на англиски.
„Се радувам на дијалогот и размената на мислења, надежи и сништа со американскиот народ. Ќе имам чест да зборувам во Конгресот и се надевам како брат на оваа земја, ќе понудам зборови на охрабрување за враќање на нацијата кон принципите врз кои е основана. Исто така ќе патувам во Филаделфија на 8-от Светски состанок на семејствата за да ја прославам и поддржам институцијата на бракот и семејството во овие критични моменти од историјата на нашата цивилизација“, изјави папата Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.
„Не потсети дека најмоќната порака на Господ е милоста. Тоа значи да ги дочекаме странците со отвореност, добредојде за бегалците од места погодени со конфликти и имигрантите коишто ги напуштаат родените земји барајќи подобар живот. Да покажеме сочуство кон оние коишто се дискриминирани, страдаат, не потсети на цената на војната врз немоќните и коишто не можат да се одбранат, за да се стремиме кон мир“, рече американскиот претседател, Барак Обама.
Илјадници Американци од целата држава дојдоа во главниот град да го видат и поздрават Папата во неговиот папамобил.
„Прекрасно е што е овде и што дојде да не посети. Среќни сме што го гледаме.“
„Возбудена сум и навистина е чест да бидам овде. Немам зборови“, велат граѓаните.
Папата беше поздравен во Вашингтон и од негови сонародници од Аргентина:
„Сметаме дека сме многу добро претставени од Папата Франциск. Благословени сме да го видиме денеска и навистина сме среќни да бидеме овде.“
„Аргентискиот народ смета дека Папата е Аргентинец, но е и папа за целиот свет. Затоа сме многу среќни што сме овде и го чекаме.“
Папата Франциск одржа заедничка миса со свештениците од катедралата Свети Метју Апостол, ги посети центрите за сиромашните, Католичкиот универзитет и одржа прва миса во Базиликата. Освен обраќање во Конгресот, тој ќе зборува и пред Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк, а посетата на САД ќе ја заврши со посета на Филаделфија, од каде потекнала и поканата на Католиците од овој град да ја посети нивната држава.
Посетата на Папата Франциск помина со најголеми и највисоки мерки на безбедност поради заканите од терористички напади.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
