Бегалска криза: Србија и Хрватска ја заоструваат реториката
Продолжува посредниот политички дијалог преку медиумите меѓу Србија и Хрватска. Во фокус се бранот бегалци, а сметката ја плаќаат камионџиите. Европската комисија донесе одлука за финансиска помош на бегалските кампови околу и во Сирија. Пари ќе добијат и земјите преку кои транзитираат бегалците и мигрантите, вклучувајќи ја и Макеоднија...

Бегалската криза, јаболко на раздорот на Балканот, на граничните премини врие како во котел. Остри тонови меѓу Хрватска и Србија откако ноќеска Србија забрани влез за товарни возила од Хрватска. Хрватскиот премиер Милановиќ изјави дека контрамерките на Србија кон неговата земја се смешни и најави ескалација на спорот. Ние ќе имаме мала штета, а тие голема, но сепак се ќе мине без насилства, додаде Милановиќ.
„Ова е одговор на дискриминацијата од Србија. Нема влез за возила со српски регистарски таблички се додека не го отворат Хоргош, луѓето можат да влегуваат тоа не е спорно“, изјави Ратко Остоиќ, министер за внатрешни работи на Хрватска.
И Србија со реакција. Претставници на Стопанската комора со јасен сигнал дека тензијата на границите никому не користи и дека компаниите можат да ја тужат Хрватска поради претрпените штети.
„Не сме задоволни со оваа постапка, не сме среќни, но сепак ние мора да ја заштитиме нашата државност“, изјави Небојша Стефановиќ, министер за внатрешни работи на Србија.
Додека соседите се расправаат со високи тонови, на границите илјадници бегалци се заробени.
„Приоритет се луѓето, во овој период мора да се мисли на нив“, велат од УНХЦР.
Рекорден број од 10.046 мигранти влегле вчера во Унгарија, главно од Хрватска, соопшти унгарската полиција. Потпретседателот на ЕК, Тимерманс предупреди дека доколку не се најде адекватен одговор за мигрантската криза, во Европа ќе има подем на десничарскиот екстремизам.
Германската канцеларка Меркел со став дека треба да разговара со сирискиот претседател Асад, со цел изнаоѓање на решение за сирискиот конфликт, кој е причината за миграцијата. На вчерашниот вонреден самит по седумчасовни разговори лидери се согласија да дадат милијарда евра помош за сиријците во бегалските кампови во Турција, Јордан и Либан. Финансиска помош ќе им биде дадена и на Македонија и на Србија.
„Ќе ни требаат 100 милиони евра за најпогодените земји-членки, 600 милиони за европските агенции во 2016-та, дополнителни 200 милиони за светската програма за храна, 300 милиони евра за хуманитарната помош повеќе отколку во 2015-та. Исто така да се стабилизираат надворешните граници издвојуваме една милијарда за Турција“, изјави претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер.
„За ова пак ќе зборуваме на редовниот состанок на советот за три недели. Како што знаете во Сирија има 8 милиони раселени од нив 4 милиони се во соседството. Ние зборувавме за потенцијален милион луѓе кои сакаат да стигнат во Европа. Овде не спаѓаат Ирак, Авганистан, Еритреја и други држави. Јасно е дека најголемиот бран бегалци тукушто треба да дојде. И затоа сега ќе ја коригираме политиката на отворени врати, и ќе прејдеме на политика на заштита на надворешните граници и на помош на бегалците. Ќе има и критични точки кои ќе се постават до крајот на ноември“, рече претседателот на Европскиот Совет, Даниел Туск.
Овие мерки нема да и стават крај на кризата, но тие се неопходни чекори во вистинска насока, додаде Туск.
Марија Петковска
