По 50 години се реновира градинката во Козле
Само годинава досега, се отворени пет детски градинки, а до крајот на годината планирано е да бидат отворени уште седум...

Со околу еден милион денари средства на Министерството за труд и социјална политика се реновира градинката „Пролет“ во населбата Козле, општина Карпош. Објектот е стар педесеттина години и ова е првпат тој да биде реновиран.
„Целосно ќе бидат променети прозорите и во оваа фаза ќе биде реновиран и паркетот. Во втора фаза планираме и реновирање и поставување нова фасада со што овој објект, кој што е стар повеќе од 50 години, ќе добие многу подобри услови за згрижување на децата од предучилишна возраст“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов кој денеска изврши увид во активностите за реновирање на објектот.
Министерството за труд и социјална политика изминатиот период има преземено низа активности за зголемување на бројот на детските градинки во Македонија. Само годинава досега, се отворени пет детски градинки, а до крајот на годината планирано е да бидат отворени уште седум. За 2016-та, Министерството започна активности за отворање на уште 22 детски градинки.
