Расте бројот на мигранти, надлежните реагираат соодветно
Денеска претседателот Иванов го прими министерот за внатрешни работи Чавков. Било констатирано дека расте бројот на мигранти. Некои држави намерно го прекинуваат коридорот, поради што земјава се подготвува да реагира соодветно...

Надлежните институции за справување со криза функционираат со зголемени активности и се соочуваат со недостиг на капацитети во материјална, кадровска, техничка опременост и превозни средства,заклучок од средбата на претседателот Иванов и министерот за внатрешни работи Чавков. Министерот за внатрешни го информирал шефот на државата дека МВР побарало помош и асистенција од Европската Унија во остварувањето на системот за превенција за дополнување на потребните капацитети.
„Република Македонија како транзит територија на балканскиот мигрантски коридор се соочува со последиците од однесувањето на земји членки на Унијата. Една земја членка со организирани институционални капацитети ги наведува мигрантите кон нашата јужна граница, додека други земји членки го попречуваат нивното движење кон посакуваната држава во Унијата. Балканскиот мигрантски коридор во изминатите десетина дена во неколку наврати е прекинуван“, информирал Чавков.
Според Чавков, МВР може да се соочи со дополнителен предизвик во остварувањето на својата надлежност во системот за јавна и државна безбедност за употреба на капацитетите потребни и за обезбедување на изборниот процес и избирачките места на територијата на Република Македонија. Претседателот Иванов побарал развој на програми за постојано информирање и поддигнување на свеста кај граѓаните и општеството за заканата и ризиците од илегалната миграција со која се соочува државава. Повеќе од триесет дена на јужната граница е ангажирана и Армијата. Подготвена е да одговори на предизвикот, имајќи го предвид и фактот дека кризната ситуација ќе трае до јуни идната година.
„Се прават темелни и сеопфатни подготовки за временскиот период, од климатски акспект, временски успешно да ги спроведуваме задачите“, изјави полковник Мирче Ѓоргоски, портпарол на ГШ на АРМ.
Според МВР, во државава дневно влегуваат од 6 до 7 илјади странски државјани, и се очекува зголемување на нивниот број. Доколку се прекине коридорот и се затворат границите, но и поради временските прилики, Македонија ќе биде принудена да примени планови со соодветен одговор за да ја заштити својата национална безбедност, смета министерот за внатрешни работи Чавков.
Милчо Велески
