Стампедо во близина на Мека, загинаа над 700 аџии
Се стравува дека бројот на загинати и повредени ќе расте. Во моментот сите патишта се блокирани, а околу 4.000 спасувачи и 220 амбулантни возила се обидуваат да им помогнат на повредените...

Трагедија на еден од најголемите муслимански празници Курбан Бајрам. Повеќе од 700 луѓе загинаа, над 800 се повредени во стампедо во саудискиот град Мина, кој се наоѓа на неколку километри од светиот град Мека.
Се стравува дека бројот на загинати и повредени ќе расте. Во моментот сите патишта се блокирани, а околу 4.000 спасувачи и 220 амбулантни возила се обидуваат да им помогнат на повредените.
Локалните медиуми јавуваат дека поголемиот дел од повредените се повозрасни луѓе и инвалиди. Според првичните информации инцидентот се случил во една улица во која биле поставени привремени кампови на околу 160.000 верници, додека симболично бил каменуван ѓаволот.
„Се случи стампедо, тоа е голема несреќа“, изјави генералот Мансур Ал Турки.
Аџилакот е еден од петте столбови на исламот и секој муслиман е должен барем еднаш во животот доколку е способен да замине на аџилак. И во во 2006 – та се случи сличен инцидент, во голем метеж 360 луѓе го загубија животот. Но, јавноста се уште се сеќава и на 1990-та кога загинаа рекордни 1.400 верници, поради преоптовареност во ходник.
Марија Петковска
