Развоен буџет за 2016-та, повеќе пари за капитални проекти
Државната каса со развојна компонента, повеќе пари за капитални инвестиции, стабилност за ранливите категории. Вицепремиерот и министер за финасии, Зоран Ставрески го претстави предлог – буџетот за 2016-та година. В година се очекува економски раст од 4 проценти...

За 12,9 проценти повеќе средства за капитални проекти во однос на годинава, пари за ранливите категории. Владата го усвои предлог буџетот за 2016-та година. Се прогнозира економски раст од 4 проценти и инфлација на умерено ниво од 2 отсто. Финансии тврди– буџетот има развојна компонента.
„Нивото што е планирано на капитални расходи е 25 милијарди 92 милиони денари, што претставува зголемување од 12,9 проценти од оние во 2015 година, или за 2 милијади 858 милиони денари повеќе средства за реализација за инфраструктурни и капитални проекти во буџетот. Тука е пред се Коридорот 10 кој треба да биде готов до крајот на 2016-та година“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Повисокиот раст на приходите во однос на планираниот раст на расходите ќе резултира во намалување на буџетскиот дефицит кој ќе изнесува 18.984 милиони денари, односно 3,2 проценти од БДП. Вкупните расходи ќе се зголемат за 6 проценти, а приходите за 4,7 насто. Се очекуваат за 6,5 отсто повеќе пари од даноци.
„Макроекономските остварувања во текот на оваа година се солидни и ни даваат добра шанса да влеземе во 2016-та година со пораст на економијата. 2,9 проценти е растот во првите шест месеци со оглед на стабилизирањето на политичката ситуација и релаксирањето во тој дел, како и навестените инвестиции за втората половина од годината, може да очекуваме поинтензивен раст што ќе даде добра основа за предвидениот пораст на економијата во следната година“, нагласи вицепремиерот Ставрески.
Повеќе средства се обезбедени за интензивирање на автопатот Демир Капија – Смокца на Коридорот 10 кој треба да биде готов до крајот на 2016-та, за железничката инфраструктура, за гасификација, за субвенции за земјоделците. Предвидени се и средства за изборите во април.
Ставрески очекува носители на растот да бидат градежништвото, индустријата и нето извозот. Според првиот финансиер, овој буџет ќе овозможи 2016 година да се заврши со умерено ниво на задолженост, и покрај тоа што ќе се реализираат значајни проекти. Плановите се буџетскиот дефицит во 2017-та да падне под 3 проценти.
Дијана Ценевска
