Блокада

Македонски транспортери заглавени на Бајаково, бизнисот трпи штети

24.09.2015 16:07

Ако границата наскоро не се отвори, храната ќе скапе и ќе мора да се фрли, а компаниите ќе претрпат десетици илјади евра штета...

Блокираните транспортери се заканија дека ќе ја истурат расипаната стока на меѓуграничниот појас кај преминот Бајаково, ако Србија и Хрватска не ги кренат рампите на границите. Нашите камиони, сега и да сакаат не можат да се вратат, бидејќи тој што е на почетокот на колоната не може да излезе.

„Има активна блокада, што да ви кажеме друго, полошо- здравје! Подобро е да си бегалец, мигрант, отколку да си шофер“, вели еден револтиран камионџија за МТВ.

700 камиони веќе четврти ден се блокирани на Бајаково. Транспортните ладилници на нашинците се полни со овошје и со зеленчук, па оттука превозниците стравуваат дека стоката може да им се расипе.

„Пред мене има еден ладилник, товарен од Струмица со пипер, најдобро е да оди на Дрисла во Скопје, веќе е завршено со неа, а такви има сигурно 15“, вели камионџијата.

Ако границата наскоро не се отвори, храната ќе скапе и ќе мора да се фрли, а компаниите ќе претрпат десетици илјади евра штета.

„Транспортерите се снаоѓаат со пренасочување кон актернативни соседни граници каде и покрај долгите колони, сепак се поминува. Меѓутоа, тоа за нив значи дополнителни дозволи, дополнителни трошоци, така што сето тоа паѓа на товар на компаниите“, вели Марија Мустрик, односи со јавност во ССК.

Од Стопанската комора велат дека пости страв кај транспортерите поради можноста за неисполнување на договорите кон европските деловни партнери. Алтернативните патишта кои водат преку Албанија, Косово и Црна Гора се покажале како економски неисплатливи, па кај дел од компаниите постои загриженост дека ваквата состојба негативно ќе се рефлектира врз бизнисот.

„Чекам од сабота попладне, тоа се пет дена. Во колоната застанав во 12 и 30, кога пристигнав на српската страна“, вели еден камионџија.

Србија од полноќ го забрани увозот на хрватските производи како реципрочна мерка на одлуката на официјален Загреб да ја затвори границата поради тоа што српските власти, наместо кон Унгарија, мигрантите ги испраќале кон Хрватска.

 

Анита Димитријевска