Општина Илинден: За 7 години отворени 168 производствени погони

24.09.2015 16:26

Невработеноста во општина илинден е само 12 насто што е најниско ниво во земјава. Истовремено расте цената на трудот. Најголем дел од локациите во индустриските зони се пополнети, велат локалните власти, но порачуваат дека за добри инвеститори секогаш има простор...

За седум години се отворени 168 производствени погони во општина Илинден. Невработеноста е на рекордно ниско ниво, се зголемуваат платите, се подобрува животниот стандард. Трансформацијата на земјиштето и поволните услови за градење резултираа со голем број локации за изградба на погони.

„Во овој регион веќе се забележува дека недостасува работна сила и цената на работната сила оди нагоре. Има влијание се, и зоните, и мерките, и инвестициите“, вели еден стопанственик од оваа општина.

Во оваа општина работат и странски инвеститори, но и голем број домашни фирми.

„Општина Илинден е една о општините каде што има најголем број ново создадени работни места, невработеноста е на рекордно ниско ниво на 12 проценти, што значи има намалување од над 20 проценти во изминатите седум години, а од самите компании слушаме дека барањето на квалитетна работна сила веќе станува предизвик. Тие постепено ги подигнуваат платите, со што се подигнува и животниот стандард“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

Се подобрува и квалитетот на животот во општината. Локалната власт инвестира во повеќе инфраструктурни проекти, како изградба на фекална канализација, санирање на локалните улици и проширување на градинката.

 

Сунчица Николоска