Трговска војна на релација Белград- Загреб

24.09.2015 16:35

И додека на двете страни од час на час се закажуваат вонредни владини седници, економската штета е веќе направена. На удар се инвестициите...

Бегалската криза се измолкна од контролата на релација Белград-Загреб и премина во трговска војна со несогледливи економски последици. Иако само пред 24 часа еврокомесарот Хан повика да не се затвораат границите поради економскиот ефект, преминот Бајаково- Батровци, стана симбол на уште една внатре-европска бариера. Србија е брутално нападната, изјави министерот за правда Никола Селаковиќ, откако Хрватска којашто за седум дена прими 40 илјади мигранти, ги затвори легалните премини кон Србија. Реагираше и хрватскиот министер за внатрешни Остојиќ, кој побара Србија да ги испраќа бегалците кон Унгарија. Преку министрите, почнаа обвинувања и меѓу премиерите .

„Србија си ја сече гранката на којашто седи, Хрватска е дел од Европа и ова е удар, не против Хрватска туку против Европската унија. Тие не можат да ги контролираат бегалците, јас му понудив на Вучиќ 100 автобуси организирано да преоѓаат од Македонско- српската граница кон Хрватска, а тој се договори со унгарските власти, и сега низ хрватските полиња со пченки за седум дена имаме илјадници мигранти кај нас. За некој во Србија, бегалците се бизнис“, изјави хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.

Србија, по хрватскиот непопуларен потег презеде ригидни контра- мерки со забрана на увоз или транзит на стока со хрватско потекло во Србија, но и за српските државјани и камиони. Вучиќ ги нарече смешни изјавите на хрватскиот колега.

„Можеше да додаде и дека ЦИА, масоните, Ватикан, хрватската опозиција, сите се здружиле против него. Ние нема да ги укинеме мерките кои се одговор на агресијата, затоа што тоа значи дека не си ја почитуваме сопствената држава. Како да си кажеме себеси- влезете, газете не, ние сме муви, а вие орли“, рече српскиот премиер Александар Вучиќ.

И додека на двете страни од час на час се закажуваат вонредни владини седници, економската штета е веќе направена. На удар се инвестициите, лани во Србија хрватските инвестиции изнесувале скоро 700 милиони евра, оттаму и двете стопански комори повикуваат на итна нормализација на товарниот сообраќај.

Српско-хрватските политички релации се одново на најниското можно ниво, по 20 години заздравување и падот на Милошевиќ, коментираат светските медиуми.

 

Зоран Богатинов