Бегалска криза: Брисел го направи првиот чекор, решението е далеку

24.09.2015 16:43

„Брисел го направи првиот чекор, но Унијата е се уште далеку од конечно решение за бегалската криза, а тоа се трајни квоти за распределба“ – оваа порака ја испрати канцеларката Меркел по вонредниот самит на лидерите. Договорена помош од милијарда евра за сиријците во бегалските кампови, но и поостра контрола на надворешните граници...

Со договорот за мигрантите Eвропа покажа солидарност, сега мора да го почитува договореното. Европските лидери бараат еден од друг да бидат доследни на сопствените зборови. Францускиот претседател, Oланд е убеден дека само на тој начин може да се надмине кризата.

„Втората порака е дека Европа постигна договор, тоа значи дека Европа мора да го почитува тој договор. Европа мора да биде организирана за да ја надмине оваа криза“, изјави претседателот на Франција, Франсоа Оланд.

И покрај постигнатиот договор за квотите за бегалците, усвоената финасиска помош, како и генералната позитивна оценка на лидерите за вонредниот самит за бегалската криза, германската канцеларка Ангела Меркел, изјави дека Европа е се уште далеку од комплетно решение на проблемот со миграциската криза.

„Длабоко сум убедена дека на Европа не и е потребна само прецизна распределба, туку повеќе постојан систем за фер дистрибуција на бегалците во земјите-членки. Германската влада ги поддржува предлозите на Европската комисија, што значи дека го направивме првиот чекор, но далеку сме од онаму каде што сакаме да стигнеме“, изјави Меркел.

Меркел додава дека на Европската унија и е потреба и поддршката од САД, Русија и од блиску- источните земји, за да излезе на крај со масовниот прилив на бегалци, а според неа ситуацијата единствено може да се реши, ако се стави крај на причините за егзодусот.

 

Катерина Топалова