Клиниката за хематологија ќе прави трансплантации од несроден дарител

24.09.2015 16:53

Клиниката за хематологија ќе почне да прави трансплантации од несроден дарител. Лекарите веќе ги завршиле потребните обуки, потребни за планираните интервенции. Во моментов, болните кои немаат дарител во фамилијата се праќаат во странство, а се трошат од 150 до 300 илјади евра од пациент...

По 10-тина пациенти годишно од земјава се праќаат во странство за трансплантација на матични клетки од несроден дарител, чини од 150 до 300 илјади евра. Лекарите се подготвуваат оваа интервенција да ја изведуваат кај нас. Во земјава има регистар на доброволни дарители и на него се запишани околу две илјади граѓани, најмногу студенти по медицина и семејства кои имале болен. Во тек е акредитација на имунолошката лабораторија.

„Очекуваме наскоро и ние да бидеме дел од светскиот регистар. Тоа значи дека ќе може да се  користи материјал како од Република Македонија, така и ние како држава да користиме биолошки материјал од светскиот регистер“, изјави д-р Борче Илиевски- раководител за трансплантација на матични клетки.  

Првата трансплантација на матични клетки од фамилијарен дарител во земјава е направена пред 15 години. Оттогаш се извршени 350 трансплантации кај пациенти болни од малигни и немалигни хематолошки заболувања.

„Тимот за трансплантација е член на Европското здружение за трансплантации со што нашиот тим и резултатите истовремено се пренесуваат во европското здружение. Резултатите се идентични со тие од европските центри“, изјави д-р Лидија Чевреска- директор на Клиниката за хематологија.

85 заболувања се лекуваат со трансплантација на матични клетки. Во светот годишно се прават околу 75 илјади трансплантации.

 

Андријана Атанасовска