Се решаваат проблемите со платите во Македонски железници
Целосно се исплатени обврските за јуни и јули како и половина од августовската плата. Реализирани се и обврските за изминат километар и наградите за професионално извршена работа на 36 вработени. Наредната недела ќе биде исплатена и втората половина од платата за август...

Се реализира договорот меѓу менаџментот и синдикатите на вработените во МЖ-Транспорт. За кратко време на вработените им се исплатени вкупно 114 милиони денари. Целосно се исплатени обврските за јуни и јули како и половина од августовската плата. Реализирани се и обврските за изминат километар и наградите за професионално извршена работа на 36 вработени. Наредната недела ќе биде исплатена и втората половина од платата за август со што се надминува и проблемот со здравственото осигурување на вработените. За жал има една мала група од 30-тина машиновозачи кои имаат екстремни барања кои се надвор од договореното со синдикатот и го попречуваат нормалното работење, вели генералниот директор Никола Костов.
„Тие на жалост не успеаа во тој нивен обид да ја доведат во прашање безбедноста на железничкиот сообраќај, а сакаа да ја доведат во прашање и безбедноста на Македонија од аспект на хуманитарната, мигрантска криза. За прв пат Македонски железници со сопствени стрдства, успеа да го извлече максимумот, со своја работа, труд да ја заработи платата во првиот дел од август. Сигурно во текот и на наредната недела ќе ја земеме и платата за останатиот дел, и ќе дојде до изедначување и ќе имаме тековно плата- месец за месец“, изјави Никола Костов, генерален директор на „Македонски железници –Транспорт“ АД Скопје.
Обврските се реализирани и пред договорените рокови со синдикатот, велат од Министерството за транспорт, но сметаат дека постои обид за политизирање на штрајкот затоа што синдикатот предводен од Душко Чакаровски штрајкува незаконски и нанесува голема штета на Македонски железници. Синдикатот на машиновозачите е задоволен од целосното реализирање на договорот со менаџментот.
„Беше договорено да ни се исплати јунската плата во целост и до 25-ти, првиот дел од август. Коректно испадна од страна на директорот, еве денеска сме 24-ти, платата ја пуштија. Да почнеме да работиме, имаме многу работа- само со работа можеме да земеме плата“, вели Орце Стефановски, Синдикат на машиновозачи.
Менаџментот на МЖ Транспорт ги повикува штрајкувачите да се вратат на работните места и да продолжат со работата. Сите превземени обрски се исполнети, вели Костов и затоа сите треба да се насочиме кон исполнување на преземените договорни обврски кон корисниците на услугите.
Свето Николовски
