Охридскиот совет ја усвои физибилити студијата за изградба на марина
Охридскиот совет ја усвои физибилити студијата за изградба на марина на малото пристаниште во Охрид. Сите советници се согласни дека е потребна реконструкција на пристаништето, но копјата се кршеа поради најавената изградба на угостителски објект на тој простор, со што би се загрозила животната средина...

По бурна расправија охридските советници ја усвоија физибилити студијата за изградба на марина на малото пристаниште. Забелешките на дел од советниците главно се однесуваа на заштитата на животната средина и малата вклученост на експертите во овој проект, бидеќи со него се планира изградба на угостителски објект во рамките на пристаништето.
„Секогаш таа постапка треба да помине во една поширока елаборација со граѓаните и со експертските служби, а не само врз основа на една физибилити студија направена од една консалтинг агенција“, смета Јован Стојаноски, советник на СДСМ.
„Во тој појас кој е заштитен,кој е внатре во басенот на езерото и кој што е дел од целокупната слика на УНЕСКО за Охрид не смее да се експериментира. Не смее да се градат градби кои што го нарушуваат идентитетот на Охрид, ја нарушуваат визурата и од тој аспект повикав да се согледаат сите еколошки аспекти и околу квалитетот на водата при целокупниот проект“, рече Дејан Пановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна охридскиот градоначалник рече дека се работи за произволни ставови, кои не кореспондираат со фактите изнесени во физибилити студијата.
„Се работи за пристаниште кое што треба да биде реконструирано.40 години никој не ставил рака на тоа пристаниште. Сакам едно да кажам, дека Охрид треба да се движи и да чекори во 21 век, а не во 19 век, онака како што некои неаргументирано размислуваат“, рече охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
По добивањето на зелено светло на физибилити студијата ќе следи оценка на влијанието на овој проект врз животната средина, по што може да се очекува распишување на тендер за негова реализација.
Сашо Нелоски
