Клучни решенија за иднината на НАТО на самитот во Варшава
Земјите- членки на НАТО во Варшава идната година треба да донесат клучни решенија за иднината на Алијансата. Министерот за одбрана на Норвешка и поранешниот американски секретар за одбрана од Вашингтон порачаа дека сите земји членки подеднакво мора да учествуваат во активностите на НАТО, ако сакаат да се справат со заканите по безбедноста. Проширувањето се враќа на агендата на самитот на Алијансата...

Случувањата во последнава година, бегалците во Европа, опасностите од Исламската држава и тероризмот, зголемата улога на Русија, бараат земјите членки на НАТО да усвојат нова стратегија за одговор на заканите на денешницата. Ова ќе биде главна тема на самитот на Алијансата во Варшава идната година..
„Не бидеме предизвикувани и ќе ни се закануваат од разни страни. Ако не се адаптираме и не усвоиме стратегија што може да одговори на ова, мислам она што го работиме сега за да се справиме со ситуацијата, нема да ни помогне“, изјави Ине Ериксен Сареиде, министер за одбрана на Норвешка.
„Ако не се смениме, нема да бидеме способни да се адаптираме брзо и да дејствуваме за она што треба да го сториме“, вели Чак Хејгл, поранешен секретар за одбрана на САД.
Директорот за политичко планирање во канцеларијата на Генералниот секретар на НАТО во Брисел оцени дека по случувањата со Украина, проширувањето повторно се врати во фокусот на земјите членки.
„Проширувањето е важно прашање. Нема да шпекулирам кој ќе биде примен, а кој ќе остане надвор, зошто тоа е политичка одлука. Но факт е дека кризата во Украина го врати значењето на земјите кандидати за пошироката безбедност на Европа“, изјави Фабрис Понтиер, директор за политичко планирање во НАТО.
На самитот во Варшава ќе се дискутира и за се поголемата поделеност меѓу сојузниците околу заедничките операции поради недоволните средства за модернизација и набавка на воена опрема и оружје. Европските сојузници по обичај сакаат САД да останат лидери, што може да биде предизвик поради скратувањето на американскиот воен буџет, предупреди поранешниот секретар за одбрана Чак Хејгл во првиот јавен настап по поднесувањето на оставка од функцијата.
Враќање на солидарноста и делење на одговорностите за безбедноста со зголемување на воените буџети ќе биде една од главните теми на престојниот самит на Алијансата во Варшава.
Ирина Гелвска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
