Македонец починал во нечовечки услови во затвор во Детроит

25.09.2015 15:13

Македонецот Давид Стојчевски починал во затвор во Детроит откако по 17 дена од притворањето ослабел 25 килограми. Третманот во затворот не бил соодветен, стојчевски бил изолиран во посебна ќелија бидејќи примал метадонска терапија којашто за време на притворот не му била овозможена. Причината за притворот, а потоа и за смртта на македонецот е бизарна- за неплатена сообраќајна глоба...

„Ова не е затвор во Авганистан туку притворска ќелија во Детроит“ - вака почнува потресната сторија на американски телевизии за смртта на млад Македонец кој починал во нечовечки услови. 

Семејството на 32 годишниот Давид Стојчевски од Розевил, Мичиген, кој починал во затворот во општината Макомб минатиот јуни, каде бил сместен откако не платил сообраќајна казна од 772 долари, поднесе тужба до државата заради неговата смрт.

Бараат да се разгледаат сите видео материјали во кои се гледа дека полицајците преку затворската камера 24 часа дневно следеле како во период од 17 дена драстично се влошува неговата здравствена состојба, откако не му ги дале лековите кои му биле препишани и кои ги користел пред да биде затворен, како дел од третманот за детоксикација на зависност од хероин.

„Неразбирливо е дека дозволиле човечко суштество да страда на овој начин“, изјави за локална американска телевизија, експерт за лекување на зависност од наркотични средства, Дајен Роквел.

Кога Стојчевски започнал да халуцинира, симптом на повлекување на хероинот од неговиот организам, тој на полицајците им кажал за страотната мака која ја чувствува. Наместо медицинска нега, според неговите родители, тој бил соблечен гол и ставен во ќелија каде 24 часа бил набљудуван од затворските службеници, кои сметале дека може да си го одземе животот. Според тужбата, полицајците 10 дена ги следеле страотните маки на Стојчевски, предизвикани од нетретираното повлекување на токсичните состојки од неговиот организам.

Иако семејството на Стојчевски ја поднело тужбата во март, случајот се обелоденува оваа недела, по објавувањето на шокантната и потресна снимка од неговата смрт.

 

Катерина Топалова