Побрзи резултати од биохемиски анализи

25.09.2015 16:10

Новите апарати ќе овозможат нивна поголема точност, заштеда на време и пари. Имаат капацитет од 800 анализи на час. Со набавката на реагенси, фирмата ги доделува апаратите бесплатно...

Граѓаните за неколку минути ќе ги добиваат резултатите од биохемиските анализи - новите апарати ќе овозможат нивна поголема точност, заштеда на време и пари. Имаат капацитет од 800 анализи на час. Со набавката на реагенси, фирмата ги доделува апаратите бесплатно. Ќе им бидат дадени на користење на 54 здравствени установи низ целата земја.

„Сериозно го подигнуваме квалитетот на дијагностиката, брзината на дијагностиката и она што за нас е најзначајно точноста на добиениот резултат. Целата обврска за поправка, одржување, замена за резервни делови и обврска апаратот постојано да биде во функција е на добавувачот, односно компанијата која што ги обезбедува апаратите“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Во дел од болниците низ земјава имаше стари биохемиски анализатори, а во некои здравствени домови воопшто и немаше. Жителите од помалите населени места кои патуваа до амбулантите чекаа цел ден, а некогаш доаѓаа и наредниот ден за земање крв и добивање резултати од анализа.

Преку тендерот за набавка на тестови за биохемиски анализатори, пред две години 11 здравствени установи добија нови апарати.  

 

Андријана Атанасовска