21 милијарда денари ќе се вложуваат во патишта
Изградбата на трите автопати Скопје – Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица за поконкуретна економија. Вицепремиерот Ставрески вели дека капиталните инвестиции во новиот буџет се на историски највисоко ниво...

Наредната година најмногу средства од државната каса, речиси 42 милиона евра ќе бидат насочени во Коридорот 10. За проекти за модернизација и ревитализација на железницата ќе бидат потрошени безмалку 36 милиони евра, а за гасификација 7. Изградбата на комуналната инфраструктура ќе биде поддржана со речиси 50 милиони евра. Бизнис заедницата е задоволна од понудениот буџет за 2016-та затоа што има силна економска компонента, која според нив ќе влијае позитивно врз динамизирање на стопанството.
„За бизнис заедницата најзначаен е развојниот сегмент, односно реализацијата на капиталните инвестиции, изградбата на автопати, локални и регионални патишта, осовременување на железничкиот сообраќај, како и инфраструктурното уредување на слободните економски зони со цел привлекување на нови инвеститори. Тоа пак значи ангажирање на домашните компании, пред се од градежниот сектор што пак повлекува и 25 индустриски гранки што работат со нив“, вели Александар Зарков-оперативен директор на Сојуз на стопански комори.
За првиот финансиер Ставрески, буџетот има силна развојна компонента изразена преку историски највисоко ниво на вкупните средства што ќе бидат вложени во капитални инвестиции од 37,5 милјарди денари, односно 609 милиони евра. Најголем дел ќе бидат вложени во транспортната инфраструктура, патиштата и железницата,но и во комуналната.
„21 милијарда денари ќе се вложат само во патна инфраструктура, односно во изградбата на трите автопати Скопје- Штип, Кичево- Охрид и Демир Капија–Смоквица, како и многубројни регионални патишта како што е патот што ќе се гради наредната година од Радовиш кон Штип, односно Штип- Кочани ќе овозможи подобрување на конкурентноста на македонската економија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
За аналитичарите е позитивен побрзиот раст на приходите отколку расходите во државната каса за 2016-та. Сметаат дека раст од 4 проценти е реален, а вложувањата во инфраструктурата ќе резултираат и со подобар амбиент за развој на услужниот сектор.
„Зголемувањето во делот на капитални инвестиции за речиси 13 проценти е сосема оправдано. Не може да очекуваме зголемување на странските и на домашните инвестиции и на вработувањата доколку немаме добра инфраструктура и затоа треба да се вложува во патишта, железница, гасификација, водоводи“, вели професор Сашо Кожухаров, кој очекува висок процент на реализирање на капиталните проекти и на јавната потрошувачка, што ќе овозможи раст на БДП од 4%.
Свето Николовски
