Македонските камионџии и натаму заглавени

25.09.2015 16:51

Неизвесноста продолжува. Стотина македонски превозници се уште стојат на Српско-хрватската граница. Бизнисмените од земјава со ургентни писма бараат интервенција и од Брисел...

Се придвижи колоната товарни возила на Хрватско- српската граница. Зелено светло само за камионите кои не носат стока товарена или поврзана со Хрватска. Стотина македонски превозници сеуште во неизвесност стојат заглавени на паркинг плацевите. Не им ги земаат документите.

„Само ги исклучуваат камионите што се српски со хрватска роба и македонски камиони со хрватска роба, што одат од Хрватска за Македонија. Додека другите камиони што се турски, и други што одат од Европа, према Бугарија, тие си одат нормално. Тука на паркингот никој не доаѓа да не праша дали имаме за јадење, пиење“, вели за МТВ Борис Николовски, еден од возачите кои веќе четврти ден чека на граничниот премин Бајаково, да го продолжи патот кон Македонија.

Се проширува километарската колона. Не функционира ниту еден од граничните премини за влез на товарни возила од Србија кон Храватска.

„Колоната има 15 километри“, вели еден од превозниците.

„Макамтранс“ апелира до камионџиите да ги користат алтернативите преку Босна и Унгарија , „АМЕРИТ“ бара почитување на меѓународните правила за транспорт на кои се обврзани владите. Македонските транспортери и извозници трпат огромни штети, ако не бидат преземени најитни чекори – можни се поголеми последици за националната  економија- алармира Стопанската комора. Упати ургентни писма до коморите во Србија и Хрватска да се заложат за надминување на ситуацијата со камионџиите.

„Моменталната состојба на границите е незамислива за современите држави. Стопанската Комора стои на ставот какви било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, требало веќе одамна да бидат надминати како застарени“, се вели во официјалниот допис на Стопанската комора на Македонија.

Брисел да посредува – да се реши проблемот со спуштените рампи меѓу Србија и Хрватска, Македонија да ја алармира и ЦЕФТА- бараат дел од бизнисмените.

„Имаме некоректен однос на делот на Европска унија, бидејќи Хрватска е граница на Европска унија“, вели Зоре Темелковски, бизнисмен.  

„Штетите се проценуваат преку долгогодишните договори што македонските комании ги имаат направено за испорака на европскиот пазар“, посочува Џино Шкриељ, претседател на Групација на меѓународни шпедитери.

Сите интитуции во Брисел се информирани, ако до вторник нема решение на проблемот, на состанок на ЦЕФТА ќе  се преземат соодветни мерки– информираат од Министерството за економија. МНР упати и нота до Хрватска за блокирањето на македонските превозници на границата. Заседаваше и советодавното тело на Царината

„Таа состојба ја разгледуваат сите можни институции во државава и секој од свој аспект се труди да помогне. Нашиот дел од надлежностите е да ги расчистиме сите отворени прашања поврзани со царинските постапки тука кај нас во Македонија“, изјави Наташа Радевска-Крстевска, директор на Царинската управа.

Македонските камионџии веќе неколку дена се заглавени на Српско-хравтската граница. На возачите при крај им се и залихите со храна и вода, во околните продавнци овие денови двојно поскапеле прехранбените продукти и пијалоци. Ситуацијата се менува од момент во момент- велат возачите од терен.

 

Сузана Фиданска- Стоевска