Инвестициите во земјоделството продолжуваат, помош во откупот на пиперките
Преку директна поддржка, кредити, инверстиции во механизација и помошни објекти, државата годишно им нуди преку 140 милиони евра помош. На располагање се 10 милиона евра кредити од Македонската банка за поддршка на развојот, сега со намалена камата од 3 на 2 насто. Заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски на производителите од кривогаштанско им вети помош во решавањето на проблемите со откупот на пиперките...

Константна помош на земјоделците со годишни преку 140 милиони евра, намалена камата од 3 на 2 насто на кредитите од Македонска банка за поддршка на развојот и помош при откупот на пиперките, им вети заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски на производителите од кривогаштанско на средбата со нив.
Во ек е откупот на пиперките. Родот од 20 000 тони е поголем од ланскиот, а цената е пониска и се движи од 16 до 18 денари.
„Се случи хиперпродукција. Затоа доаѓа до поголем квалитет, до поголеми приноаси. Исто така, и преработувачките капацитети најмалку ги земаат пиперките во овој период и мислам дека се преполни. Цените затоа се паднати во моментов“, вели Рубин Белакапоски, откупувач.
Државата ќе помогне да се решат проблемите, особено на релацијата со преработувачите.
„Се договоривме, за секој поединечно кој ќе биде наведен на листата директно да ја провериме, и со нивни претставници да не посетат во министерството и директно да им дадеме одговор за секој посебно каде е проблемот, односно, доколку не постои проблем, да се заложиме да ги надминеме тие проблеми, тие да бидат исплатени, бидејќи за пиперката дополнителната субвенција изнесува по 2 денари на предаден килограм пипер во преработувачките капацитети“, вели заменик министерот за земјоделство Васнчо Костадиновски.
Инспекторатот е на терен. Истовремено стигна родот во струмичко и кривогаштанско, а застојот во извозот во Хрватска се одразува во Македонија.
„Максимално ќе им дадеме поддршка на земјоделците, и доколку има потреба за дополнителни интервенции, дополнителни мерки, верувајте ми, тие ќе дојдат благовремено“, вели директорот на земјоделскиот инспекторат Румен Стаменов.
Кривогаштани користи преку еден милион евра од проектите преку Агенцијата за финансиска поддршка на руралните општини. Последниот проект од 300.000 евра е големиот добиточен пазар.
Костадиновски ги потсети земјоделците: до крајот на месецов е огласот за закуп на земјоделското земјиште. Тоа е виза за користење инвестиции во механизација и проекти од Ипард програмата.
Елизабета Митреска
