Рели Дакар 2014

Тимска наредба го спречува Петерхансел да се бори за 12-та победа

17.01.2014 13:36

Француската легенда на Дакар...

Француската легенда на Дакар Стефан Петерхансел најверојатно ќе почека да го оствари 11.триумф на најпрестижното авто-мото рели. Во вчерашната 11.етапа низ Чиле од Антофагаста до Ел Салвадор тој влезе со заостанување од две минути и 15 секунди зад водечкиот Шпанец Нани Рома, но ќе мора да ја почитува контроверзната наредба од неговиот тим Мини. Објавено е дека официјалните лица на Мини побарале од своите автомобилисти да останат на моменталните позиции за да осигураат победничкиот пиедестал в сабота да биде комплетно нивни – со Рома,  со Петерхансел и со третопласираниот Катарец Насер Ал-Атијах.

Откако заврши втор зад етапниот победник, Аргентинецот Орландо Теранова, кој исто така е член на Мини, Рома води пред Петерхансел со пет минути и 32 секунди подобро вкупно време. Ал-Атијах беше петти и заостанува вкупно 56 минути и една секунда. Рома веќе може да се смета за шампион, иако Дакар 2014 е толку непредвидлив, што во последните две етапи се е можно.

Речиси се е решено и меѓу мотоциклистите. Шпанецот Марк Кома на КТМ незапирливо јуриша кон вкупен триумф, откако ја доби и вчерашната етапа. За две минути и 51 секунда беше побрз од Французинот Сирил Депре на Јамаха. Во генералниот пласман има огромна предност од 52 минути и 36 секунди во однос на шпанскиот конкурент од Хонда, Хоан Бареда Борт, кој поради навигациски проблеми беше само петти и загуби драгоцено време. Вториот Шпанец на КТВ, Жорди Виладомс заостанува два часа и седум минути.

Разрешница околу епилогот на годинашното рели  би можела да даде денешната 12.етапа од Ел Салвадор до Ла Серена, по што ќе преостане само уште завршната 13.делница со којашто натпреварувањето ќе заврши во Валпараисо.