Обединети нации: Усвоени 17 развојни цели до 2030-та
Свет без сиромаштија и глад, земјите членки на Обединетите нации ги усвоија 17–те одржливи развојни цели. Треба да ги спроведат до 2030-та. Акцент ќе биде ставен на намалување на нееденаквоста, и на поголем економски раст. Премиерот Груевски имаше свое обраќање на сесијата...

Свет без сиромаштија и глад, пристојна работа, добро здравје, квалитетно образование, намалување на нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните земји во светот, ова се дел од новите одржливи развојни цели што беа усвоени на генералната дебата во Обединетите нации. Поголем економски раст преку вложување во индустријата, иновациите и инфраструктурата, преку користење на чисти извори на енергија, се начинот што државите се заложија да го следат во наредните 15 години.
На оваа дебата свое излагање имаше и премиерот Никола Груевски како шеф на македонската делегација во Њујорк.
„Ги зголемивме социјалните трансфери за социјално ранливите лица за над 50 проценти, воведени се и зголемени посебни финансиски бенефиции за ранливите категории, особено за децата без родителска грижа. Исто така, ги ослободивме работодавачите од приватниот сектор од давачките за нивното вработување за период од 5 или повеќе години. Како резултат на странски инвестиции и поддршка за приватниот сектор, невработеноста во нашата земја е намалена за повеќе од 11 проценти. За вработување на луѓе до 35 години, државата плаќа придонеси за социјално осигурување и данок на приходи“, нагласи премиерот Никола Груевски во својот говор.
За првпат во развојните цели се најде посветување на внимание на животот под водата и на земјата. Светот се обврза да работи за мир, правда и силни институции, и на партнерство за остварување на целите.
„Централноевропската иницијатива, со која во моментов претседава Македонија, сака да биде активно вклучена во имплементацијата на Развојната агенда по 2015-та година. Земјите членки ја изразија својата подготвеност да направат конкретен регионален придонес за пренос на знаење и вештини и размена на добри практики во различни иницијативи за одржлив развој, изградба на капацитетите на јавните институции и зголемување на свесноста“, истакна премиерот Груевски во обраќањето.
Меѓу новите одржливи цели се и половата рамноправност, чистата вода, одржливи градови и заедници, одговорно производство и потрошувачка и климатска акција. Македонија е една од земјите- членки што ги усвои овие нови развојни цели.
Милениумските цели придонесоа за намалување на сиромаштијата во светот, но се уште престои уште многу работа, се согласија земјите членки на генералната дебата за новите одржливи равојни цели до 2030-та година.
Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ
