Пападакис: Сумата од 17 милиони евра помош од ЕУ за Македонија и Србија е срамна
Студеното време не е причина за илјадниците мигранти да ги напуштат своите домови и да тргнат кон европските земји. На грчките острови и понатаму пристигнуваат и по цели семејста кои бараат подобра иднина. МРТ истражуваше како живеат мигрантите и бегалците на улиците на Атина...

Да не беше трагично, ќе беше смешно, вака портпаролот на Европската слободна алијанса од Брисел, Јоргос Пападакис, ја коментира сумата од 17 милиони евра што ЕУ им ја додели на Македонија и Србија како помош за справување со бегалците.
„Овие држави веќе примија повеќе 200.000 луѓе и што да направат сега со 17 милиони евра? Овде, во Брисел, за да направат поубави згради за Комисијата и за Советот, даваат по 300-400 милиони на годишно ниво. А што да прават Македонија и Србија со 17 милиони ? Тоа е срамота“, изјави Јоргос Папдакис – Европска слободна алијанса.
Фактот што бегалците од земја-членка на ЕУ, Грција, се насочуваат кон Македонија, наместо кон Бугарија која што е исто така членка, за Пападакис претставува неетично однесување од страна на Брисел, пред се поради недостатокот на политика за ова прашање.
„Пологично би било сите тие луѓе кога веќе се во територијата на ЕУ, Грција, да одат потоа понатаму преку Бугарија, Романија и Унгарија да стигнат во Западна Европа преку таа рута. Јас се чудам бидејќи гледам дека сите се обидуваат да ги насочат кон Македонија и Србија, очигледно бидејќи не сакат да ги имаат во земјите членки на ЕУ. Но, тоа е недозволиво, а по страшно е тоа што има гласови во ЕУ кои што бараат одговорност од Македонија и Србија за сето тоа“, вели Папдакис.
Иако шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ја повика Унијата да и помогне на Македонија во справувањето со бегалците, третирајќи ја еднакво како и земјите членки, засега ова останува далеку од реалност. За споредба, на Грција за истата намена Брисел и одобри 400 милиони евра, а земјата првично бараше речиси двојно повеќе.
Дел од мигрантите и бегалците што влегуваат во Грција, со години остануваат во земјата. МРТ истражуваше како живеат мигрантите и бегалците на улиците на Атина.
Шаин е мигрант од Ирак. Овде дошол со брод и веќе 5 години живее на улиците во грчката престолнина. Пред камерата на МРТ објаснува дека не може да извади документи, ниту пак да најде работа. Вели, поради тоа што нема документи не може да си купи дури ни СИМ картичка за мобилен телефон.
„Имам толку многу проблеми. Немам храна, немам вода, немам каде да се истуширам. Се е проблем. Сакам да одам во друга земја да се обидам да создадам живот, но не можам. Немам пасош, ниту пак пари за билет“, вели Шаин.
Шаин последнава година живее во паркот Педион Ареос во центарот на Атина, заедно со уште неколку стотици мигранти и бегалци кои што се сместени во шатори. Нивни “први соседи” во паркот се бездомниците, зависниците од хероин и сексуалните работници.
Али од Авганистан веќе 7 години живее во Грција, работи како преведувач и секојдневно доаѓа во овој парк. Вели, ниту едно човечко суштество не може да живее во овие услови.
„Нема живот овде, ниеден човек не може да живее овде. Овде нема ниту пари, ниту пак кров на главата“, вели Али – преведувач, Авганистан.
Според правилата на ЕУ, барачите на азил имаат право на храна, прва помош и користење на прифатен центар. Откако ќе докажат дека бегаат од прогон и дека враќањето во нивните земји може да резултира со повреда или смрт, тогаш би требало да добијат право на азил, а доколку бидат одбиени, имаат право на жалба. Најдоцна девет месеци по добивањето на право на азил, европското законодавство налага на мигрантите и бегалците да им биде доделена и работна дозвола.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
